Zülfiya Yakup
14 Септември 2018•Ажурирај: 15 Септември 2018
ПРИШТИНА (AA) - Првиот заменик-премиер и министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, побара од министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, Албанија да се вклучи во дијалогот Косово - Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Пацоли го информираше Бушати за досегашниот тек на дијалогот и рече дека договорот со Србија треба да се постигне што поскоро.
„Конечната фаза на дијалогот Косово - Србија започна, имаше три состаноци. Иако е многу тешко, мора да продолжи. Ќе биде временски ограничен, нема да трае десетици години и заклучоците мора да бидат донесени што поскоро, тоа е неопходно и за Србија и за нејзините интеграции, но и за Косово“, рече Пацоли.
Тој наведе дека во дијалогот со Србија е сè отворено, но имајќи предвид дека Косово е држава која прогласи независност во 2018 година на својата територија, и тие граници мора да се почитуваат и да се заштитат. Пацоли рече дека од албанската страна побарал да не седи со „скрстени раце“ и само да набљудува што се случува, туку да биде таму јавно или зад кулисите.
„Ако може ЕУ да биде присутна и САД, зошто не и Албанија. Албанија може да има голем придонес“, рече Пацоли.
Министерот Бушати оцени дека Албанија секогаш го поддржувала процесот на дијалогот без оглед кој бил или е на власт во Албанија или во Косово.
„Нашата девиза во Албанија е Косово секогаш на прво место и кон таа девиза верно се придржуваме, без оглед на различните политички позиции кои политичките актери во Албанија можат да ги имаат во врска со локалните прашања. Кога станува збор за ова прашање, ние демонстриравме единство и солидарност“, рече Бушати.
Пацоли и Бушати разговараа и за поддршката која Албанија може да ја пружи на Косово во други процеси, како што е зачленување во Интерпол и во другите организации.
Разговарано е и за заедничките дипломатски мисии на Косово и Албанија во странство, потребата за зголемување на трговската размена помеѓу двете земји и продлабочување на соработката во сите области.