Zülfiya Yakup
19 Октомври 2017•Ажурирај: 19 Октомври 2017
ПРИШТИНА (АА) - Во моментот кога Бугарија ќе го преземе претседавањето со Европската унија на 1 јануари 2018 година приоритет ќе ѝ биде европската перспектива на Западен Балкан, изјави потпретседателката на бугарската Влада и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, по состанокот со својот косовски колега Беџет Пацоли, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес-конференција по состанокот, првиот потпретседател на Владата на Косово и министер за надворешни работи Пацоли изјави дека со Захариева разговарал за европските интеграции на Косово, билатералните односи на Косово и Бугарија и плановите за идна заедничка соработка.
„Разговаравме за косовската агенда, дека Косово е на вистински пат во однос на интеграциите и разговаравме за поддршката која Бугарија му ја пружа на Косово на планот на интеграциите во различни регионални, европски и светски организации“, изјави Пацоли.
Тој истакна дека двете земји досега секогаш имале добри односи, но нагласи дека економската соработка може да се зголеми и Косово да има што да научи од бугарското искуство.
„Разговараме и за патот на Косово, посебно за преговорите со Србија, и дојдовме до заклучок дека единствен отворен пат е патот на дијалогот и дека Косово никогаш нема да престане со дијалогот“, изјави Пацоли.
Бугарската потпретседателка на владата и министерка за надворешни работи изјави дека приоритет на нејзината земја, кога ќе го преземе претседавањето со ЕУ на 1 јануари 2018 година, ќе биде перспективата на Западен Балкан.
„Бугарија, Австрија, Романија, Хрватска, пред нас беше Естонија, тоа се земји кои го поддржаа проширувањето, така што не би требало да го загубиме тој замав. Ниедна земја од Западен Балкан не би требало да го изгуби тој замав. Уверени сме дека без сите наши пријатели од шесте земји од Балканот во ЕУ, нашиот проект на европско семејство нема да биде целосен. Вие сте Европа, вие сте дел од Европа“, изјави Захариева.
Захариева рече дека спроведувањето на европските реформи е од големо значење бидејќи реформите треба да се спроведат не за да се задоволи некој кој ќе ги побара, туку за граѓаните и младите луѓе во Косово да имаат перспектива, да се чувствуваат добро во својата земја и да останат во својата земја, а не да мигрираат во другите земји.
Захариева, исто така порача дека овој месец ќе организираат различни форуми на кои ќе се соберат министрите за надворешни и внатрешни работи, и министрите за правда за да се пружи јасна политичка поддршка на земјите од Западен Балкан.
Захариева, претходно, во текот на денот одвоено се состана и со претседателот на Косово, Хашим Тачи и со премиерот Рамуш Харадинај.