Besar Ademi
14 Септември 2018•Ажурирај: 15 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Секретаријатот за европски прашања на Република Македонија потпиша меморандум за соработка со Амбасадата на Кралството Норвешка, преку кој норвешката Влада дава финансиска поддршка во износ од 2 милиони евра за локалниот развој во општините, како и за подготовка на Секретаријатот за европски прашања за формирање на преговарачката структура со Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (АА).
Како што рече вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на заедничката прес-конференција со државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Норвешка, Аудун Халворсен, проектот потпишан во просториите на Секретаријатот за европски прашања ќе се оствари од Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (УНОПС).
Османи изрази благодарност до норвешката Влада, како што рече, за политичката и финансиската поддршка што ѝ ја дава на Македонија во последните 20 години. Тој истакна дека средствата ќе бидат искористени за локален развој во општините, но дел од нив ќе се користат од страна на институцијата што ја води, во време кое тој ја опиша како сосема соодветна и таргетирана кон институцијата која е одговорна за воспоставување на скелетот на оваа преговарачка структура.
„Мислам дека немаше подобар момент повторно да се потврди поддршката што Кралството Норвешка ѝ ја даде на Македонија во последните 20 години отколку во овој клучен месец. Затоа, јас ќе кажам уште еднаш дека тоа е најдобриот начин да се покаже поддршка, охрабрување и мотивација за сите граѓани на Република Македонија во овој клучен месец за земјата“, рече вицепремиерот Османи.
Норвешкиот државен секретар Халворсен рече дека партнерството меѓу Македонија и Норвешка е длабоко и долго. Тој рече дека целта на Норвешка е да го поддржи социо-економскиот развој на Македонија.
„Ќе работиме на тоа да се обезбеди брз и ефикасен процес на пристапување на Македонија во ЕУ. Клучниот приоритет ќе биде зголемување на капацитетот на Секретаријатот овде, поддршка на главниот преговарач и зајакнување на искуството на Министерството одговорно за процесот на пристапување на Македонија“, рече Халворсен.