СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, ја оцени 2022 година како активна, интензивна и успешна во надворешната политика, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Османи одржа годишен брифинг на кој присуствуваа и заменик-министерката Фатмире Исаки и државниот секретар Филип Тосевски.
Говорејќи за достигнувањата во надворешната политика во 2022 година, Османи рече дека ова беше „една исклучително активна, интензивна, според моја проценка и успешна година во надворешната политика“.
Притоа, тој го спомена и извештајот на Европската комисија, во кој, според него, единствено надворешната политика се проценува како многу добра.

Османи наброи три „пробивања“ и „историски постигнувања“ во надворешната политика што се остварија оваа година.
Тој истакна дека по 17 години, Северна Македонија на 19 јули ги започна преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ).
Процесот на скрининг којшто е во тек, тој го оцени како „најсуштинскиот елемент“ на преговорите, додавајќи дека очекува оваа фаза да заврши во ноември 2023 година.
„Во март ќе го добиеме првиот извештај по однос на преговорите“, истакна Османи.
Исто така, тој го издвои како историско постигнување и „завршувањето на процесот на меѓународно етаблирање на македонскиот јазик“.
Според него, ова прашање се затвори со потпишување на преговарачката рамка со ЕУ и се докажа со потпишување на ФРОНТЕКС-договорот.
Како трето, Османи го издвои започнувањето на стратешкиот дијалог со САД на 31 мај, што според него, претставува нова фаза во односите со САД.
Шефот на македонската дипломатија зборуваше и за војната во Украина и позиционирањето на Северна Македонија во однос на Русија.
Тој истакна дека за земјата, тоа било „прв тест во НАТО-сојузот“, додавајќи дека Северна Македонија се покажа како доверлив партнер и „за прв пат нашата земја 100 отсто ја усогласи надворешната политика со таа на ЕУ“.
Османи рече дека оваа година беше исклучителна и во односите со сите соседи, додавајќи дека 2023 година ќе биде одбележана од претседавањето на ОБСЕ.
„Претседавањето на ОБСЕ ќе ја одбележи идната година. Од 1 јануари, ние сме претседавач на најголемата безбедносна регионална организација во светот, единствена безбедносна организација во којашто се и САД и Русија“, рече Османи.
Зборувајќи за преговорите со ЕУ, Османи рече дека вклучувањето на експертската заедница и опозицијата е неопходно, бидејќи според него, преговарачкиот процес не се однесува само на Владата, туку на целото општество.
Тој истакна дека преговорите реално се сведуваат на спроведувањето на фиксните регулативи на ЕУ, односно кога ќе почне имплементацијата на тие прописи, и затоа е неопходно вклучувањето на експертите, стопанските комори, индустријата и економијата воопшто.
Тој исто така охрабри во процесот да се вклучи и опозицијата, бидејќи како што кажа, преговорите ќе го надминат мандатот на една влада.
„Во фазата на скрининг, тие всушност можат да влезат само за да го видат процесот, но тука станува збор само за известување до каде сме. Се разбира, во тие работни групи опозицијата е вклучена преку Собраниската комисија за европски прашања, но ги охрабрувам претставниците на опозицијата да бидат вклучени во секоја преговарачка структура, бидејќи преговорите ќе траат толку долго што ќе го надминат мандатот на една политичка партија. Ќе има различни партии кои ќе раководат со Владата во текот на овој период и сите ние треба да бидеме дел од тој процес“, рече Османи.
news_share_descriptionsubscription_contact
