Edıta Zekjırovıkj
11 Август 2021•Ажурирај: 12 Август 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, информира за придружувањето на земјата кон заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, јавува Агенција Анадолија (AA).
По тој повод, министерот Османи одржа прес-конференција на која говореше за придружувањето на Северна Македонија на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„Исполнивме една важна одредница, за помалку од една година Република Северна Македонија испорача точно 100 придружувања кон заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, вклучувајќи рестрикции и санкции“, изјави министерот Османи.
Министерот Османи објасни дека со оваа одредница вкупниот степен на усогласување со Европската Унија за првпат надминува 95 % со тенденција за 100 % усогласување со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија како израз на јасна надворешна политичка ориентација на Северна Македонија кон европските и евроатланските структури.
„Во време кога самата Европска Унија не успева да обезбеди консензус за продолжување на нашите европски интеграции, ние јасно покажуваме дека сме цврст и принципиелен партнер и дека од аспект на нашата европска ориентација нема дилема дека сме дел од Европа и дека припаѓаме на Унијата“, изјави министерот Османи.
Министерот се осврна и на спорот со Бугарија и истакна дека постојано имал став дека не е неопходна политичка влада за да се донесе одлука за започнување со преговори, бидејќи политичката одлука за неа е веќе донесена во март 2020 година, со согласност и на Република Бугарија, но дека без да се формираат институциите, тоа е невозможно.
„Сепак, ситуацијата во Бугарија е до тој степен одлуката да не може да се донесе. Така што, сигурно овие вести кои доаѓаат оттаму не се охрабрувачки во однос на прашањето. Сепак, продолжуваме да комуницираме со Министерството за надворешни работи и со техничката Влада таму, со убедување дека не смее регионот и европската перспектива на регионот да бидат заложници на внатрешните политички динамики во која било земја членка“, дополни министерот Османи.
Рамковниот мировен договор, министерот Османи го смета за најуспешниот меѓународен посредуван договор на просторите на поранешна Југославија.
„Тоа што го бара Рамковниот договор, државата да овозможи инклузивност и можност за сите граѓани да работат и живеат во неа, никогаш нема да престане. Сѐ додека постои оваа држава, ќе постои духот на Рамковниот договор. Во нормативниот дел, законите коишто требаше да се донесат, беа донесени во овој период, заклучно со Законот за употреба на јазиците“, изјави министерот.
Тој смета дека важна компонента на Рамковниот договор е социјалното интегрирање, ресоцијализирање и подобрување на животните услови на граѓаните.
„Направено е многу, но останува да се направи повеќе“, изјави министерот Османи во врска со спроведувањето на Рамковниот договор.