Abdula Berisha
02 Јули 2021•Ажурирај: 03 Јули 2021
ОХРИД (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, на прес-конференција истакна дека Преспа Форумот за дијалог беше организиран според сите прифатени стандарди за вакви настани, јавува Агенција Анадолија (AA).
Министерот Османи рече дека со овој форум, Северна Македонија добива место на мапата на меѓународната заедница како сериозен партнер и точка од која произлегуваат позитивни иницијативи. Тој исто така изјави дека за време на Форумот е отворена интелектуална и политичка дебата од која произлегоа идеи и практични решенија за многу отворени прашања од регионален и глобален аспект.
„Како организатор и домаќин, не можам да бидам незадоволен од фактот што овозможивме таква платформа што секој, без оглед на убедувањата и политичкиот профил, може да се вклучи во овие важни разговори што ќе ја диктираат нашата иднина“, рече Османи.
Тој исто така рече дека на овој форум, регионот зборуваше во еден глас и дека беше демонстрирана волја за зајакнување на меѓусебните дијалози на највисоко ниво.
Османи истакна дека во неколку наврати во текот на Форумот беше истакнато дека проширувањето на ЕУ не е техничко прашање, туку е прашање од геостратешко значење за кое е потребно соодветно внимание и политичка волја за да се постигнат заедничките цели.
„Ако Европа сака да биде обединета, земјите од регионот треба да бидат вклучени преку инклузивен пристап. Местото на Западниот Балкан е во ЕУ и тоа веќе не е прашање на проширување, туку прашање на обединување на Европа“, рече министерот Османи.
Потсетуваме дека вчера и денеска во Охрид и Отешево за првпат се одржува Преспа Форумот за дијалог (ПФД), со Конференцијата насловена „Западен Балкан: Делот што недостига за Европа да биде целосна“.