Fatjon Cuka
16 Март 2019•Ажурирај: 18 Март 2019
ТИРАНА (АА) - Опозициските партии во Албанија одржаа антивладин протест во Тирана, во кој настанаа тензии и судири меѓу полицијата и демонстрантите, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестот беше организиран од страна на Демократската партија на Албанија (ПД) и партијата Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ), со барање да се формира преодна влада и да се одржат предвремени избори.
Илјадници демонстранти кои се собраа од различни места од земјата, првин протестираа пред седиштето на Кабинетот на премиерот на земјата во Тирана. Потоа, дел од поддржувачите на опозицијата протестираа пред седиштето на пленарната сала на Собранието на Албанија, каде што се судрија со полициските сили.
Полицијата интервенираше со солзавец и вода против демонстрантите кои се обидоа да го пробијат полицискиот кордон поставен пред седиштето на Собранието на Албанија, при што неколку полицајци и демонстранти беа повредени.
Во текот на одржувањето на протестот, поддржувачите на опоцизијата фрлаа со димни бомби и разни предмети кон полициските сили, предизвикувајќи тензии.
Дел од демонстрантите се насочија кон седиштето на Демократската партија на Албанија, каде што се обрати и лидерот на опозицијата, а воедно и претседател на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша.
„Денеска е ден на големото обединување кое Тирана го има запознаено во нејзината историја. Цела Албанија и целиот свет денеска ја виде одлучноста на еден народ обединет за слобода, демократија и европски вредности“, рече Баша пред демонстрантите.
За спречување на инцидентите беа ангажирани стотици полициски сили, поставени пред седиштето на Кабинетот на премиерот на Албанија, пред Собранието и пред другите институции.
Во врска со тензиите на протестот на опозициските партии реагираше претседателот на Албанија, Илир Мета.
„Претседателот Илир Мета ситуацијата ја следи со загриженост. Претседателот упатува апел за мирни демонстрации и зачувување на мирот. Претседателот Мета бара од сите да ги избегнуваат судирите и да останат далеку од провокации“, се вели во соопштението објавено од страна на прес-службата на Претседателството на Албанија.
Пратениците на Демократската партија на Албанија (ДП) и партијата Социјалистичко движење за интеграција (СДИ) одлучија да поднесат оставки од нивните пратенички мандати, одлука на која се спротивставуваат претставниците на Европската Унија (ЕУ).
Опозициските партии во текот на изминатите недели организираа неколку протести во Тирана во кои имаше и насилство, инсистирајќи на создавање преодна влада, која според нив, би ги организирала предвремените избори.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, е против идејата за одржување предвремени избори.