Dzihat Aliju
11 Август 2018•Ажурирај: 12 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Со цел да ја исполнат едната од петте обврски на исламот, од Скопје е испратена првата група од 168 лица на аџилак во Саудиска Арабија, Anadolu Agency (AA).
Лицата кои одат на аџилак од Меѓународниот аеродром во Скопје беа испратени од своите семејства.
Реџеп Зибери, претседателот на Здружението на верски научници, кое е дел од Исламската верска заедница во Македонија и член на Централната комисија за аџилак 2018, за АА изјави дека на пат кон светата земја, тргнала првата група која ја сочинуваат 168 лица од различни места во Македонија.
Зибери информираше дека во деновите што следуваат се очекува на пат кон Саудиска Арабија да тргнат уште три групи. „Вкупно 672 лица кои одат на аџилак од Македонија ќе отпатуваат во светата земја. По 168 аџии во 4 авиони. Планираме тие да се вратат на 11 и 12 наредниот месец. Од друга страна, на идните аџии им посакуваме тамошната програма да биде спроведена на извонреден начин. Хотелите се многу близу, и на аџиите им посакуваме времето да го минуваат на најдобар можен начин“, рече Зибери.
Кенан Рамадани (76) од Гостивар, кој патува на аџилак, го изрази своето задоволство што ќе има можност како гостин на Божјиот пратеник да замине во посета на светата земја.
Истакнувајќи дека е многу среќен и емотивен, Рамадани рече „Ова е мое прво патување, одам заедно со мојата сопруга. Посакувам истото да го сторам и идната година.“
Азиме Алију (65) изјави дека е среќна што по вторпат ја исполнува својата верска обврска за аџилак.
Ќатип Фејзулаху (54), истакнувајќи дека му е благодарен на Господ што му ја дал можноста да ја посети светата земја, изјави „На сите муслимани им посакувам да имаат можност да ја посетат таа прекрасна земја.“