Andelija Stojkovic
10 Август 2018•Ажурирај: 11 Август 2018
БЕЛГРАД (AA) - Директорот на Канцеларијата за Косово, Марко Ѓуриќ, денеска рече дека Договорот помеѓу Белград и Приштина, на Србите во Косово би им донел подобра положба, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој рече дека Белград и Приштина се „со милји далеку од договор“.
„Не дозволувајте кој било да ве лаже дека со Договорот, од кој сме со милји далеку, ќе имате помалку од она што веќе го имате“, рече Ѓуриќ, и додаде дека има многу повеќе шанси дека нема да дојде до договор, а и доколку дојде, „Србите во Косово со тоа може да имаат само повеќе“, истакна Ѓуриќ на конференцијата за новинарите во Владата на Србија.
Тој додаде дека Србите со таквиот договор би имале повеќе територии, права, имот, институционална моќ и финансиска помош.
„Доколку дојде до договор, тоа мора да биде решение кое ќе го реши прашањето за нашиот имот, положбата на нашата црква, повеќе права, инаку, решение нема да има. Истото важи и за Газивода, Валач и Трепча. Но, да не се лажеме дека имаме нешто, што го немаме со децении“, рече Ѓуриќ.
Тој ги повика Србите да не дозволат некој да ги лаже, дека со потпишување на Договорот, за нив ќе има помалку помош и „помалку Србија“, и повтори дека ниту една одлука нема да биде донесена без нив.
Ѓуриќ рече дека на Србија досега не ѝ е понудено ништо, и дека јавно ќе разговара кога некој предлог ќе биде на „маса“.
„Ќе излеземе да ви одговориме поконкретно, кога ќе имаме нешто што е прифатливо“, рече Ѓуриќ.