Ekip
01 Јануари 2021•Ажурирај: 02 Јануари 2021
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА
Новата 2021 година во Република Северна Македонија, Албанија и Косово е дочекана без официјална прослава на плоштадите и другите јавни места поради мерките кои ги воведоа властите со цел спречување на ширењето на пандемијата од коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
- Северна Македонија
На плоштадот „Македонија" во центарот на Скопје, поради мерките преземени против ширењето на Ковид-19 не се одржа традиционалната новогодишна прослава и го немаше традиционалниот огномет кој е симбол на Новата година, сепак дел од граѓаните одлучија за време на новогодишната ноќ да прошетаат низ градскиот плоштад.Слична беше атмосферата и во другите градови ширум земјата.
Повеќето од граѓаните Новата година ја дочекаа во домашна атмосфера, во кругот на семејството.
Потсетуваме, во Република Северна Македонија на сила е и забраната за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор, за сите граѓани, за општините, работните организации, како и забрана за работа после 21:00 часот на рестораните во хотелските објекти.
Забрането е собирање во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или било каде на отворен простор во текот на целиот ден.
За периодот од 18 декември до 20 јануари постои ограничување на работното време на угостителските објекти, до 18:00 часот.
- Албанија: Без новогодишна прослава на плоштад, но со огномет
Во Албанија новата 2021 година е одбележана во поразлична атмосфера во споредба со изминатите години, а не недостасуваа огнометите.
Граѓаните на Тирана и другите градови во земјата Новата година ја дочекаа во своите домови и немаше прослави на плоштадите поради мерките против пандемијата на Ковид-19.
Локалните власти во Тирана покрај украсување на градот, организираа и огномет.
- Косово: Новогодишната ноќ помина со почитување на мерите против Ковид-19
Централните и локалните власти во Косово не организираа прослава по повод новата 2021 година поради пандемијата на Ковид-19.
Плоштадите на повеќе општини ширум земјата се украсени по повод новогодишните празници, сепак, колективно организирање за пречек на Новата година немаше во ниту еден град.
Косовскиот главен град Приштина се уште се наоѓа во црвена зона со висок ризик на ширење на коронавирусот заедно со 15 други општини.
Поради полицискиот час кој започнува од 20 часот, граѓаните не можеа да излегуваат надвор, но новата година ја прославија дома.