Admir Fazlagic
14 Март 2019•Ажурирај: 16 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Недозволената брзина на управување на автобусот и неможноста возачот соодветно да сопре за да ја избегне катастрофалната незгода, како и нецелосна исправност на уредите за сопирање се главните причини за автобуската несреќа кај Ласкарци на Автопатот Скопје - Тетово, соопшти Основното јавно обвинителство, јавува Anadolu Agency (AA).
Во просториите на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, јавниот обвинител Сашо Рајчев одржа прес-конференција на која беа презентирани информации за текот на постапката во врска со автобуската несреќа кај селото Ласкарци, на Автопатот Скопје - Тетово, која се случи на 13 февруари оваа година, при што животот го загубија 15 лица, а 39 беа повредени.
Истакнувајќи дека главна причина за сообраќајната незгода е недозволената брзина на движење на автобусот и нецелосната исправност на уредите за сопирање, јавниот обвинител Рајчев информираше дека 7 лица се лишени од слобода и се наоѓаат во полициска станица во Скопје, и дека во текот на денешниот ден ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка.
Рајчев изјави дека истрагата е поведена за 6 обвинети лица.
„Истрагата е поведена за 6 лица. За сопственикот и управител, правното лице превозник и раководител во тоа правно лице, затоа што сопственикот и управител на правното лице превозник, единствено поседувал задолжителен сертификат за професионална компетентност во правниот сообраќај, врз основа на кој сертификат е издадена лиценцата за превоз, непочитувајќи ги своите обврски согласно законските прописи, не го организирал автобускиот превоз согласно тие законски прописи. Понатаму, го препуштил раководењето со возниот парк на второосомничениот, раководителот, и покрај тоа што раководителот не поседувал таков задолжителен сертификат“, рече Рајчев.
Додаде дека сопственикот и управител на правното лице превозник, не водел грижа за исправноста на тахографот.
„Второосомничениот, раководителот на правното лице превозник, овозможил да се инсталира уред во автобусот со којшто се манипулирал тахографот и правилно не ја евидентирал брзината на движење на автобусот. На овие двајца осомничени им било познато дека при техничкиот преглед не бил во целост исправен уредот за сопирање, ама овозможиле автобусот секојдневно да превезува патници“, истакна Рајчев.
Според неговите зборови, третиот, четвртиот и петтиот осомничен, се одговорни лица вработени во второ правно лице одговорно за техничко одржување на автобусот во којшто, како што посочи, одговорно лице е управителот, односно првоосомничениот.
Објасни дека иако бил извршен технички преглед на авотобусот и биле евидентирани определени недоследности на уредите на сопирачките, осомничените издале документација дека автобусот е исправен. Рајчев рече дека на денот на сообраќајната незгода, 13.02.2019 година, возачот го управувал автобусот со недозволена брзина од 99 километри на час, а дозволената брзина е 80 километри на час за овој вид возила за посоченото место каде што и се случила несреќата.
„Со оглед на тоа дека брзината не е дозволена, [возачот] го активира уредот за манипулација на тахографот да не ја евиденитра вистинската и реална брзина на движење, поради недозволена брзина губи контрола над управувачот, се движи по средната коловозна лента, преминува на левата преку оградата на спротивните ленти и паѓа во провалија. Како резултат на сите овие пропусти на овие 6 осомничени лица, доаѓа до 15 жртви и 39 со тешки телесни и тешки повреди“, заклучи Рајчев.
Обинителството информираше дека осомничените се товарат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а седмото лице за несовесно работење во службата.
„За лицата за кои е отворена истражна постапка, Обвинителстото ќе даде предлог за определување мерка притвор, а за седмото лице ќе предложи мерки на претпазливост“, рече јавниот обвинител Рајчев.