Admir Fazlagic
07 Септември 2016•Ажурирај: 07 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Увидните екипи кои се наоѓаат на местото каде вчера во попладневните часови се урна авион ги пронајдоа сите шест тела од починатите патници, јавува Anadolu Agency (AA).
„Станува збор за пет мажи и една жена. Телата се подготвени за пренесување во Институтот за судска медицина каде што во наредниот период по налог на Јавен обвинител ќе следи постапка за идентификација", соопштија од Јавното обвинителство на Република Македонија.
Претходно Јавното обвинителство информираше дека по падот на комерцијалниот авион, кој се случи вчера во попладневните часови, кај село Кожле, во близина на Катланово на терен се надлежните екипи коишто работат на расветлување на авионската несреќа.
Министерството за внатрешни работи на Република Макеоднија соопшти дека на 6.9.2016 година, во 17.36 часот дежурен полициски службеник во Единицата за известување и команда при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје пријавил дека од аеродромот „Александар Велики“ Скопје, на 10 километри кон Велес се изгубил комерцијален авион со шест патници во него.
„Според првичните информации од Контролата на летање, се работи за приватен авион од типот „PAJPER PA 34“ со германски регистарски ознаки. Тој полетал од Тревизо, Република Италија, а крајната дестинација му била Приштина. Над Република Македонија требало да изврши прелет и бил пријавен на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје за дополнување гориво“, стои во денешното соопштение на МВР.
Се наведува дека околу 18.45 часот, телефонски од СВР - Велес е добиена информација дека жител од село Кожле, општина Петровец – Скопје, пријавил во СВР Велес дека во атарот на селото слушнал експлозија, по што околу 20.00 часот од страна на полициски службеници, заедно со мештани од селото Кожле, пронајдени се остатоци од авионот на местото викано „Јеловица“ во атарот на селото.
Од извршениот преглед на теренот, соопшти МВР, пронајдени се делови од авионот, и тоа: крило со една гума, метална електронска кутија, два мобилни телефона, карти за патување и една италијанска патна исправа.
Министерството за внатрешни работи, во координација со другите надлежни институции презема мерки и активности за утврдување на сите детали околу авионската несреќа и за целосно документирање на настанот.