Admir Fazlagic
19 Март 2017•Ажурирај: 20 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Надлежен јавен обвинител достави предлог за мерка притвор за пет лица и куќен притвор за едно лице мерка по вчерашната акција на МВР за сузбивање криминална група која продавала наркотици, по што беше поднесена кривична пријава против осум лица од Прилеп, Битола и Арачиново, соопшти денеска Јавно обвинителство на Република Македонија (ЈОРМ), пренесува Anadolu Agency (AA).
„Лицата се товарат дека сториле кривично дело - неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215, а на еден од осомничените му се става на товар и дека сторил кривично дело – перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик”, се вели во соопштението од ЈОРМ.
Меѓу другото, во соопштението се додава дека двајца од осомничените не се достапни на органите на прогонот.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издал наредби за вештачење траги од наркотична дрога, вешачење ДНК, како и на пронајдените количества наркотични супстанции. Вештачењата се во тек.
Министерството за внатрешни работи на Македонија вчера започна оперативна акција против организирана криминална група, која подолго време се занимавала со продажба на разни видови наркотици на територијата на целата држава.