Балкан

Со програмата ИПА 2, Северна Македонија и Косово ја јакнат меѓуграничната соработка

Овој форум му претходи на повикот за аплицирање кој ќе се отвори кон крајот на овој месец во рамки на програмата за меѓугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово.

Abdula Berisha  | 14.03.2019 - Обновена : 15.03.2019
Со програмата ИПА 2, Северна Македонија и Косово ја јакнат меѓуграничната соработка (Foto: Vedat Abdul/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје започна дводневниот консултативен Форум за проектите од програмата ИПА 2 во врска со меѓуграничната соработка, јавува Anadolu Agency (AA).

Овој форум му претходи на повикот за аплицирање кој ќе се отвори кон крајот на овој месец во рамки на програмата за меѓугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово.

Министерот за локална самоуправа на Северна Македонија, Сухејл Фазлиу, истакна дека овој форум има за цел да ги информира идните апликанти за начините за аплицирање, за тематските приоритети на повикот, но како што рече тој, ќе служи и за размена на идеи и информации меѓу општините и невладините организации на двете земји.

„Ќе ја искористам можноста да апелирам до општините да подготват што повеќе квалитетни проекти за да го искористат овој повик кој е во вредност од 2 милиони евра“, рече Фазлиу.

Тој нагласи дека приоритетите на апелот ќе бидат заштита на културното наследство, туризмот и заштита на животната средина.

На отворањето на консултативниот Форум учествуваше и генералната секретарка на Министерството за локална самоуправа на Република Косово, Розафа Укимерај, која истовремено е и раководителка на оперативната структура за меѓугранична соработка. Таа изјави дека во програмата со Северна Македонија, Косово е земја лидер.

„Ние ги воспоставивме и институционалните структури. Нашата канцеларија во Гнилане и канцеларијата во Куманово, постојано ги поддржуваат и општините, но и невладините организации во процесот на апликација за фондовите од програмата ИПА за меѓугранична соработка“, рече Укимерај.

Таа истакна дека сите девет проекти од поранешните повици се веќе во процес на реализација, како и граничниот премин Белановце - Станчиќ како стратешки процес.

Укимерај исто така рече дека целта е да се избегне можноста административните граници да се претворат во пречки за развојот, додавајќи дека целта е пограничната зона меѓу Северна Македонија и Косово да личи на пограничните зони на земјите членки на ЕУ.

Идната недела, истиот консултативен форум ќе се одржи и во Приштина. Во овие форуми учествуваат претставници на општините и невладините организации на двете земји, кои се обучуваат околу начинот на апликација.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.