Besar Ademi
18 Јули 2017•Ажурирај: 18 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети, во текот на претставувањето на извештајот Национален превентивен механизам (НПМ) за 2016 година, околу состојбата на местата за лишување од слобода, како полициски станици, затвори и психијатриски болници, истакна дека лицата на кои им е ограничено движењето престојуваат во екстремно лоши услови и се изложени на нехумано, понижувачко и нечовечко третирање, јавува Anadolu Agency (AA).
Народниот правобранител нагласи дека во извештајот се вклучени истрагите од вкупно 50 реализирани посети, и тоа во 37 центри за згрижување бегалци, осум полициски станици, четири казнено-поправни установи, како и во една јавна институција за социјална заштита.
Мемети вели дека во затворот „Идризово“, најголемата казнено-поправна институција во земјата, во којашто казната ја издржуваат половина од вкупниот број на казнети во Македонија, моментално затворска казна издржуват 1.966 лица, број, како што рече тој, кој е двапати поголем од капацитетот на институцијата.
Тој додаде дека условите во овој затвор не само што се далеку од предвидените стандарди, туку тие дирекно и сериозно го нарушуваат човековото достоинство, и јасно го одразуваат нехуманото и деградирачко третирање.
Мемети како пример го посочи приемното одделение во затворот, кое според објавените фотографии од страна на народниот правобранител, нема ниту основни услови за живот.
„Барам итно затворање на одделението за прием на Идризово и трансферирање на лицата во соодветни простории. Очекувам дека по јавниот повик надлежните итно ќе постапат и ќе ми одговорат најдоцна во рок од 30 дена. Предлагам дека можат да ги користат другите простории што не се користат“, истакна Мемети.
Објаснувајќи ги фотографиите направени внатре во затворот „Идризово“, Мемети истакна дека и другите одделенија се во катастрофална состојба, со недостиг на храна за лицата што издржуваат затворска казна, како и недостатоци на здравствениот и безбедносниот систем.