Bekim Laci
18 Јули 2017•Ажурирај: 19 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Гигантот на воздушниот сообраќај, „Qatar Airways“ (Катар Ервејс) на прес-конференција ја претстави воспоставената воздушна линија Доха – Скопје и обратно, која од вчера почна да сообраќа четирипати неделно, во деновите понеделник, среда, петок и недела, јавува Anadolu Agency (AA).
Комерцијалниот директор на „Qatar Airways“, Ехад Амин, истакна дека новата воздушна линија ќе ги олеснува семејните посети на граѓаните од Македонија во Катар, но истовремено ќе го олесни и патувањето на граѓаните од Македонија во Австралија и во други земји, поминувајќи транзит преку Катар.
„На граѓаните на Република Македонија ќе им овозможиме подобра поврзаност со градовите Мелбурн, Перт, Адeлаидa, Сингапур, Куала Лумпур, Хонг Конг, Њу Делхи и голем број други дестинации. Во Катар моментално имаме околу 2.000 државјани од Македонија, кои живеат и работат таму, од кои околу 100 лица работат за „Qatar Airways“, така што оваа линија овозможува и почести семејни посети“, вели Амин.
Тој пренесе дека граѓаните на Македонија можат да добијат виза на аеродромот во Доха, додека за тие што патуваат транзит, времето за чекање можат да го поминат во бесплатни екскурзии низ градот што ги нуди оваа компанија.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Алп Ер Тунга Ерсој, истакна дека оваа дестинација е одлична можност за државјаните на Македонија во Австралија и во Нов Зеланд, да доаѓаат во родната земја значително намалувајќи го времето на патување, и додаде дека се надева оти природните убавини на Македонија ќе претставуваат атрактивна туристичка дестинација за граѓаните на Катар.
Министерот за транспорт и врски на Македонија, Горан Сугаревски, нагласи дека оваа воздушна линија отвора голем број перспективи за двете земји во областа на економската, туристичката и културната соработка.
„Тоа се совпаѓа токму со намерите на новата реформска Влада за обезбедување услови за привлекување странски инвестиции за развој на нашата земја. Дополнително се отвораат бројни можности и за домашните компании за проширување на сопствените бизниси и пласирање на производите на нови пазари", рече Сугарески и упати благодарност до компанијата за вбројување на Македонија на нејзината карта за атрактивни дестинации.
Комерцијалниот директор на оваа авиокомпанија соопшти дека по промовирањето на Скопје, новата воздушна линија на компанијата е Сараево, бидејќи, како што рече тој, моментално нивните луѓе се таму и ги вршат финалните преговори во Сараево.
„Qatar Airways“ четврти пат беше прогласен за најдобра авиокомпанија на светот.
Исто така, авиокомпанијата ги освои наградите за најдобра бизнис класа и најдобра компанија на Блискиот Исток.