Adel Ömeragiç,Sanela Crnovrsanin,Lejla Bıogradlıja
18 Јули 2017•Ажурирај: 19 Јули 2017
ТИВАТ / СПЛИТ / МОСТАР (АА) - Во Црна Гора, Хрватска и во БиХ сѐ уште дивеат десетици шумски пожари кои го отежнуваат секодневието на жителите, јавува Anadolu Agency (AA).
На неколку локации во црногорскиот град Тиват избувнаа шумски пожари коишто го зголемуваат својот интензитет. Во Црна Гора се активирани сите надлжни единици за гаснење на шумските пожари кои беснеат во подрачјето на Тиват.
На повикот за помош од страна на црногорските власти, во пресрет им излегоа единиците на НАТО, кои информираа дека во подрачјето на пожарите ќе испратат авиони за гасење пожари.
Акциите за гасење на пожарите, во коишто покрај 150 пожарникари, беа мобилизирани припадници на војската и локалното население, траеја во текот на целата ноќ.
Службата за вонредни состојби, којашто е дел од Министерството за внатрешни работи, соопшти дека во подрачјето на Тиват е евакуирано населението од поголем број куќи. Службата за вонредни состојби извести дека состојбата во Тиват е сериозна, поради ветерот кој продолжува со истиот интензитет и пожарот може да се приближи до куќите во подрачјето.
Од друга страна, пожарите во црногорските градови Цетиње, Херцег Нови и Подгорица за кусо време се ставени под контрола.
- Пожарите во Хрватска пеплосаа 4.500 хектари
Шумските пожари што избувнаа во јужниот дел на Хрватска, во околината на хрватскиот град Сплит, на брегот од Јадранското Море, предизвикаа загриженост во подрачјето.
Ветерот оневозможува да се стави под контрола пожарот што ја зафати околината на Сплит, втор по големина град во Хрватска. Пожарот пеплоса 4.500 хектари околу Сплит, а затворени се за сообраќај голем број патишта во подрачјето.
Според информациите добиени од противпожарните екипи, во гаснењето на пожарите, кое траело до утринските часови, учестувале околу 400 пожарникари и повеќе од 100 возила.
Евакуирани се стотици луѓе, а сосема се уништени некои куќи и возила кои беа зафатени од пожарот. Огнената стихија е ставена под контрола некаде по полноќ.
Се дознава дека повеќе од 80 пожарникари побарале медицинска помош поради задушување од чадот или поради задобиени помали изгореници при гасењето на пожарот, што траеше речиси цела ноќ.
Во меѓувреме, во утринските часови премиерот Андреј Пленковиќ пристигна во Сплит, а претседателката на Хравтска, Колинда Грабар Китаровиќ, која се наоѓа во официјална посета на Австрија, се очекува да ја прекине посетата и да се врати во земјата.
- Продолжуваат пожарите во Босна и Херцеговина
Пожарите ја зафатија и Босна и Херцеговина. Во јужните делови на земјата, во подрачјето на Мостар и Љубиње продолжуваат да дивеат шумски пожари.
Противпожарната служба на Мостар соопшти дека пожарите во подрачјето продолжуваат со повремени прекини, а кај оние што се ставени под контрола, нема жртви и материјални загуби.