САРАЕВО (АА) - Во 12 објекти на подрачјето на Босна и Херцеговина има 2.000 неидентификувани посмртни останки, а сè уште се трага по повеќе од 7.000 лица, исчезнати во 1990-тите години.
Процесот на пребарување и идентификација се одвива бавно, ако се земе предвид дека од завршувањето на војната во БиХ поминаа повеќе од две децении. Многу посмртни останки се целосно уништени, па еден дел од исчезнатите лица никогаш нема да бидат пронајдени.
Портпаролката на Институтот за исчезнати лица на БиХ, Лејла Ченгиќ, во разговор за Anadolu Agency (AA) говореше за бројот на исчезнати, за ексхумациите, но и за процесот на барање на посмртните останки, од кои голем број никогаш нема да бидат пронајдени.
Во Институтот за исчезнати лица на БиХ и во сите комисии кои пред Институтот се занимаваа со барање на исчезнатите лица, пријавени се вкупно 34.964 лица.
„Овој, за жал, сè уште не е точниот број, бидејќи се прави верификација, односно проверка на секое исчезнато лице. По завршувањето на верификацијата, секое исчезнато лице ќе има досие во електронска и во писмена форма. Можно е некои имиња да се бришат од листата на исчезнати лица. Претпоставуваме дека, на подрачјето на БиХ, има вкупно околу 32.000 исчезнати лица. Од тој број, до денес, пронајдени се 25.500 посмртни останки. Всушност, 23.500 се идентификувани и предадени на семејствата за да бидат достоинствено погребани. Сè уште не се идентификувани 2.000 лица, а нивните посмртни останки се наоѓаат во 12 објекти низ цела БиХ. Значи, стојат како неидентификувани лица, односно неидентификувани останки. Сè уште се трага по 7.175 исчезнати лица“, појасни Ченгиќ.

Ниту ова не е конечен број, бидејќи сè уште може да се пријават исчезнати лица во Институтот за исчезнати.
„На годишно ниво имаме околу 50 нови пријави. Процесот на пријавување сè уште е отворен, без оглед на тоа што поминаа толку години од нивното исчезнување“, изјави Ченгиќ.
- Во БиХ се пронајдени 750 масовни гробници -
Босна и Херцеговина е земја во која во изминатите две децении се пронајдени 750 масовни гробници, од кои се ексхумирани илјадници посмртни останки.
„Досега, на подрачјето на БиХ, пронајдени се 750 масовни гробници, останатите се индивидуални, а станува збор за илјадници поединечни локалитети на кои се пронајдени посмртните останки на жртвите од војната. Голем број масовни гробници се од секундарен карактер, односно станува збор за преместени масовни гробници од примарниот локалитет на кој жртвите првично биле закопани, со цел никогаш да не бидат пронајдени, и со цел, да се сокријат телата. Тие се уништени, и од примарните гробници се преместени на други оддалечени локалитети. Не е ретка ситуацијата, од една примарна масовна гробница да се правеле повеќе секундарни, што довело до некомплетни скелети“, вели Ченгиќ.
Така, има случаи во кои делови од скелет се пронајдени во една масовна гробница, а други делови во втора, трета и во повеќе масовни гробници, кои едни од други се оддалечени и по неколку десетици километри.
Тоа ја отежна ситуацијата и нанесе додатна болка на семејствата кои мораа да одат во центрите за идентификација и да идентификуваат дел по дел од телото.
„Во многу случаи во Поточаре закопани се некомплетни посмртни останки. Ние, секоја година, по колективниот погреб на 11 јули, имаме реасоцијација. И оваа година реасоцираме 80 жртви, значи, откопани се 80 гроба и додадени се пронајдените и идентификуваните делови од телата“, истакна Ченгиќ.
- Приедор - град со најмногу масовни гробници -
Покрај Сребреница, голем број масовни гробници се пронајдени и на подрачјето на Приедор.
„Кога станува збор за Приедор, големиот број масовни гробници, за жал, се негова карактеристика. Тоа е град со најголем број масовни гробници во Босна и Херцеговина. Пронајдени се 99 масовни гробници, од кои се ексхумирани останки од телата на жртвите од бошњачка и хрватска националност, што живееле на тоа подрачје. Најголемиот број жртви од хрватска националност во цела БиХ се убиени во подрачјето на Приедор“, рече Ченгиќ.
Жртвите од Приедор, освен на тоа подрачје, пронајдени се и во други градови. Преместени се и на други локалитети, со цел да не се пронајдат.
„Многу од жртвите се пронајдени во приедорските рудници - Јакарина Коса, Љубија, Томашица... И на подрачјето на Приедор и Сребреница, за жал, сè уште се трага по големиот број жртви - 760 во подрачјето на Приедор, а над 1.000 на подрачјето на Сребреница. Тоа се два града во Босна и Херцеговина, во кои се случија и најголемите злодела. Освен во Приедор и Сребреница, најголем број жртви по кои сè уште се трага, има во подрачјето на Фоча, Вишеград, Власеница, Зворник и Рогатица“, изјави Ченгиќ за АА.