живот, Балкан

Набил Ел-Танани, евакуиран државјанин на БиХ, за 40-дневниот пекол и ужас во Газа

Во домот на семејството на Ел-Танани е присутна посебна радост. За сопругата Фата и децата ова е, како што велат и самите, еден од најрадосните денови во нивниот живот.

Kemal Zorlak  | 23.11.2023 - Обновена : 01.12.2023
Набил Ел-Танани, евакуиран државјанин на БиХ, за 40-дневниот пекол и ужас во Газа

ЗЕНИЦА - КЕМАЛ ЗОРЛАК -

Секој момент размислувате за тоа дали за една минута ќе бидете живи и понатаму. Тоа е приближно реченицата со која граѓанин на БиХ, Набил Ел-Танани, ги опишува своите 40 дена пекол во Газа, каде што престојувал од почетокот на израелските напади до неговата евакуација минатата недела со други граѓани на Босна и Херцеговина, јавува Анадолу.

Во домот на семејството на Ел-Танани е присутна посебна радост. За сопругата Фата и децата ова е, како што велат и самите, еден од најрадосните денови во нивниот живот. Нивниот сопруг и татко Набил успеал да се врати жив и здрав од разорената Газа, каде што престојувал од почетокот на израелските напади.

Набил е Палестинец роден во 1968 година во бегалски камп во Џабалија, северно од Појасот Газа, кој исто така беше силно бомбардиран во неодамнешните израелски напади. Неговите родители се преселиле во Џабалија во далечната 1948 година. Набил е државјанин на Босна и Херцеговина, каде што дошол како хуманитарен работник во 1994 година за време на војната.

Во Газа последен пат бил во 1999 година. По 23 години решил да ги посети семејството, таткото, браќата и сестрите. Тој на 15 септември годинава отпатувал во Газа, со намера да остане еден месец, не сомневајќи се дека го очекуваат најтешките моменти од неговиот живот.

Седум дена пред враќањето во Босна и Херцеговина, на 7 октомври, дојде до ескалација на конфликтот, поради што Набил остана заробен во Газа.

„Бев во северниот дел на Газа, во нашата семејна куќа. Од почетокот, на 7 октомври, па сѐ до последниот ден беше ужасно. Секојдневно воздушно бомбардирање. Секојдневно се слушаа гранати. Беше ужасно. Човек не може да биде мирен ниту една минута“, вели Ел-Танани на почетокот на разговорот.

Џабалија, каде што се наоѓа неговата семејна куќа, беше цел на жестоки напади и бомбардирања бидејќи има голема концентрација на палестински цивили од соседните населени места, кои се засолниле во едно од тамошните училишта, под покривот на Обединетите нации.

„Беа бомбардирани многу куќи. Куќите на моите две сестри и куќата на вујко ми целосно се уништени“, вели Ел-Танани.

Од безбедносни причини се обидел да ја смени локацијата, па неколку дена останал во куќата на својот брат. Таму останал три дена бидејќи, како што вели, ситуацијата била таква што ниту еден квадратен метар во Газа не бил безбеден.

„Во Газа ниту еден метар не е безбеден. Одев кај брат ми, на околу 500 метри од нас. Секоја вечер се слушаа гранати. Поминавме три дена таму, имаше многу деца, плачеа поради силните детонации и експлозии“, вели Ел-Танани, истакнувајќи дека ушите и денеска му зујат од првата експлозија во Газа.

- Човечки тела без глава, без раце, без нозе -

Во Џабалија тој бил сведок на еден од првите масакри во Газа, во кој беа убиени 112 цивили.

„Бев заедно со татко ми и помладиот брат. Седевме и слушнавме силна експлозија што ја потресе цела населба. Делови бетон паѓаа врз нашата куќа како дожд. Експлозијата беше многу силна, се чинеше дека е многу блиску. Излеговме надвор за да видиме што се случува. Израелската армија го погоди пазарот во центарот на Џабалија“, вели Ел-Танани и продолжува:

„Имаше густ чад и прав, не можеше да се види метар пред нас. Потоа видовме трупови, тела на луѓе, без глави, без раце, без нозе... Подоцна пристигна и брза помош. Во тој масакр загинаа 112 цивили.“

Меѓу загинатите има голем број соседи и познајници, по телата на некои сѐ уште се трага бидејќи нема соодветна механизација за извлекување на телата од урнатините.

На прашањето на новинарот на Анадолу, што најтешко му паѓа на човек во ваква ситуација, Ел-Танани одговори:

„Верувајте ми, најтешко ми беше тоа што во секој момент размислував дали во наредната минута ќе бидам жив или не. Тоа ми беше постојано во мислите. Жив си во тој момент, но не знаеш дали ќе бидеш жив за една минута. Каде ќе падне следната граната. Сите се слушаа како да се многу блиску. Ужасен страв, не знам што друго да кажам.“

- Евакуација од Газа -

Преку синот од Босна и Херцеговина добива информација дека треба да се отвори граничниот премин Рафа меѓу Газа и Египет и дека се наоѓа на списокот на граѓани од БиХ што треба да се евакуираат. Ел-Танани решава да тргне кон Рафа. Пред себе имал пат од околу 40 километри и успева да стигне таму. Истиот ден, вели тој, областа околу преминот била бомбардирана од израелската армија.

„Кога стигнавме на преминот Рафа, таму имаше околу 3.000 луѓе. Тој ден израелската армија ја бомбардираше областа во близина на преминот Рафа, што предизвика паника кај луѓето. Од нас беше побарано да се оддалечиме од преминот. Едвај најдовме превоз и се вративме во северниот дел на Газа“, вели Ел-Танани.

Тој опишува како изгледале деловите на Газа низ кои поминувал додека се враќал во северниот дел на Газа.

„На тој пат треба да поминете низ цела Газа. Едноставно одите и гледате запален автомобил среде пат. Ве обзема некаков страв, гледате наоколу дали има беспилотни летала во воздухот. Видовме голем број изгорени автомобили, уништени куќи“, вели Ел-Танани.

Тој напомена дека двапати стигнале до Рафа и се вратиле во северниот дел, третиот пат немало враќање бидејќи израелската армија веќе влегла во Газа по копнен пат.

Ел-Танани ги поминал преостанатите 20 дена до евакуацијата во училиште на ОН во близина на Рафа,бидејќи повеќе не можел да се врати дома во Џабалија. Тој наведува дека му било жал кога ја напуштал Газа.

„Многу ми беше жал. За малку ќе заплачев. Иако успеав да излезам, моето семејство остана таму, мојот роден крај. На целиот пат во мојот ум беше што ќе се случи со нив, моето семејство, моите луѓе, дали ќе преживеат. Мојот 92-годишен татко, кој е инвалид, остана во Газа. Таму останаа и мои двајца браќа и двете сестри со деца и внуци“, вели Ел-Танани.

„Ова што денес се случува во Газа е срам за целиот свет“, додава Ел-Танани.

„Ние ги живееме оваа војна и пекол од 1948 година. Роден сум во бегалски камп. Цел живот, генерации ја живеат таа војна. Овој народ доживеа премногу. Секоја секунда им е страдање. Израелската армија бомбардираше болници, училишта, пекарници, аптеки, загинаа цивили, повеќето деца. Тоа е ужасно“, заклучува тој.

Додека разговараме, тој добива повик од својот брат од Газа, кој го известува дека сите се живи. Ел-Танани вели дека прави сѐ што е во негова моќ да го извлече своето семејство од Газа. Во оваа пригода ги повикува властите во БиХ да му помогнат, доколку е можно. Тој е благодарен за сѐ што направиле за него амбасадорот на БиХ во Египет, Сабит Субашиќ, министрите и претставниците на дипломатските претставништва на таа земја во Египет, Туркије и Катар. Тој вели дека од моментот кога биле евакуирани од Газа, никогаш не биле сами, со нив секогаш имало некој од амбасадата на Босна и Херцеговина. Особено е благодарен за тоа. Тој вели дека Босна и Херцеговина ја гледа како своја втора татковина.

- Сопругата Фата: Најсреќен ден во животот -

Сопругата на Набил, Фата Ел-Танани, истакнува дека изминатите 40 дена биле многу тежок период за нивното семејство.

„На сите ни беше тешко, ништо не знаевме за нив. Порано успевавме да стапиме во контакт преку интернет. Ни беше тешко и ним и нам. Не знаеш кому му беше потешко. Секако ним им беше потешко. Кај нив пукаше нешто друго, кај нас пукаше срцето. Во суштина, секојдневна грижа, ги гледаш децата, загрижени, постојано прашуваат дали се јавил нивниот татко“, вели неговата сопруга Фата.

Таа се присетува на 7 октомври и на првата вест и вели дека во тој момент човек помислува на најлошото. Во тие моменти и било најважно да воспостави контакт и да открие дали Набил е жив.

На прашањето како изгледала повторната средба на семејството со Набил, таа вели: „Никогаш не сме биле посреќни во животот. Тоа беше посебна радост. Како кога ќе се роди дете и кога првпат ќе влезе во куќата. Така беше. Во брак сме 30 години, секогаш сме имале добар живот.“

Ќерките Салина и Шејма се особено среќни за враќањето на нивниот татко. Салина вели дека било тешко без татко ѝ, а било убаво кога се вратил и повторно го видела на вратата.

Ќерката Шејма на прашањето како се чувствувала додека татко ѝ не бил таму вели дека била тажна и дека ѝ било тешко.

„Понекогаш плачев. Понекогаш сонував како се вратил. Секогаш размислував за тоа дали ќе дојде, кога ќе дојде“, вели деветгодишната Шејма, а на нашето прашање како изгледала повторната средба со татко ѝ, таа одговори: „Се чувствував среќна, почнав да плачам, го гушнав и поздравив.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.