СКОПЈЕ (АА) - На денешните протести на граѓаните предводени од опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица, се случи вооружен инцидент во кој немаше повредени, јавува Агенција Анадолија (АА).
На протестите се бара отфрлање на францускиот предлог за спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ).
Опозицијата тврди дека актуелниот француски предлог за решавање на спорот со Бугарија е ист како претходниот и според него ги содржи „сите бугарски барања во делот на јазикот, историјата и идентитетот“. Тие бараат оставка од владата.
Демонстрантите протестираат веќе 6-ти ден по ред пред Владата, марширајќи до Министерството за надворешни работи и Собранието. На оваа рута се наоѓа и локацијата на која денес се случи вооружениот инцидент, на која и вчера имаше инциденти со фрлање камења меѓу различни групи на луѓе.
Станува збор за плоштадот „Скендербег“ кој се наоѓа на влезот на Старата скопска чаршија.
Во врска со инцидентот, Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија соопшти дека било приведено едно лице кое пукало со пиштол во воздух.
„Полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода 40-годишниот Е.Ј. од Скопје, кој претходно испукал со пиштол во воздух, додека група демонстранти, кои се движеле на потегот од Владата на Република Северна Македонија кон Министерството за надворешни работи, го нарушиле јавниот ред и мир со фрлање со камења кон група граѓани", стои во соопштението на МВР.
Исто така се додава дека лицето се наоѓа во полициска станица, а на местото се пронајдени чаури. По документирање на случајот, МВР против него ќе поднесе соодветен поднесок.
- Мицкоски: Ова е човекот кој требаше да ме убие вечерва -
Веднаш по инцидентот, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на социјалните мрежи објави слика од вооруженото лице со натписот „Ова е човекот кој требаше да ме убие вечерва“.
Подоцна, тој на прес-конференција рече дека инцидентот е полициска монтажа за можно негово убиство.
„Вечерва се случи тежок инцидент кој по сите параметри е класична полициска монтажа чија цел беше или убиство на некој недолжен граѓанин, мајка со дете, пензионер, млад човек, или мое убиство. И ова требаше да личи на меѓуетнички конфликт, а всушност не е ништо повеќе од борба за власт, фотелји и функции на партиите кои се дел од Владата“, рече Мицкоски.
Тој исто така рече дека подолго време добива неформални информации за негова „елиминација која ја нарачува власта“.
Мицкоски се пожали и за отсуството на полициските службеници.
- ДУИ обвинува за испланиран инцидент од опозицијата -
Демократската унија за интеграција (ДУИ), дел од владејачката коалиција, преку соопштение за медиумите ги осуди инцидентите.
„ДУИ најостро ги осудува инцидентите на антиевропските протести поттикнати од проруските елементи во нашето општество, вклучително и сценариото што вечерва беше реализирано на плоштадот Скендербег во Скопје", стои во соопштението.
Од владејачката ДУИ обвинуваат дека инцидентот се случил меѓу активистите на опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за Албанците и дека станува збор за однапред смислен и испланиран инцидент.
„ДУИ повикува на смиреност и непоттикнување на меѓуетнички инциденти и насилства на протестите. Антиевропските сили нема да успеат затоа што нашата земја е во НАТО и граѓаните ја сакаат Европа", стои во соопштението на ДУИ.
- Опозициската Алијанса за Албанците ја обвинува власта за инцидентот -
Реагираа и од опозициската партија Алијанса за Албанците, кои велат дека протестирањето е демократско право, но не и насилството, вандализмот и говорот на омраза.
„Два дена по ред Албанците во Скопје се незаштитени од државата и полицијата. Хулиганите од последните протести вчера и денеска ги нападнаа имотите на Албанците и граѓаните на Старата Чаршија и на плоштадот Скендербег. Ги повикуваме граѓаните да бидат воздржани и претпазливи и да не потпаѓаат на провокации и темни сценарија“, се вели во реакцијата.
Од Алијанса за Албанците ги повикуваат партиите од власта и носителите на институциите да не ја оптоваруваат ситуацијата со политички клевети, туку да ги заштитат граѓаните и „да не ги тераат Албанците да се самоодбранат како што се случи денеска во Скопје, да го заштитат својот имот, егзистенција, националните херои и нивните животи“.
Исто така, од Алијанса за Албанците го осудуваат однесувањето на владејачките СДСМ и ДУИ, обвинувајќи ги дека ја тензионираат ситуацијата со обвинувања против албанската опозиција.