Edıta Zekjırovıc
07 Јули 2022•Ажурирај: 07 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) – Продолжија протестите на граѓаните кои бараат отфрлање на францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите протестот го започнаa пред Владата на Северна Македонија, а потоа се упатија кон зградата на Министерството за надворешни работи.
При движењето на демонстрантите од Владата кон Министерството за надворешни работи се случи инцидент при што имаше пукање во воздух. МВР соопшти дека лицето е уапсено.
Од зградата на МНР демонстрантите продолжија кон Собранието на РСМ каде фрлаа со јајца, шишиња, а притоа користеа и пиротехнички средства.
Ситуацијата е под контрола, а демонстрантите порачаа дека ќе продолжат со протести во наредните денови.
Министерствоto за внатрешни работи соопшти дека во текот на вчерашниот протест се повредени 47 полициски службеници, од кои 11 со потешки, а двајца со сериозни повреди, а 11 демонстранти се приведени.
Во изминатите денови, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека актуелниот француски предлог за решавање на спорот со Бугарија е ист како претходниот и според него ги содржи „сите бугарски барања во делот на јазикот, историјата и идентитетот“.
На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, од француското Претседателство пристигна модификуван предлог, по што започна консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека модификуваниот предлог ги инкорпорира забелешките и јасно изградените ставови на македонската страна, предвидува јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик како и тоа протоколот со Бугарија да не биде дел од преговарачката рамка.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го изготви предлогот, смета дека со предлогот е пронајдено компромисно решение за двете страни.
Францускиот предлог е документ кој треба да доведе отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.