САРАЕВО (АА)
‒ Весна БЕШИЌ
Патот преку шумата до слободната територија на кој во јули 1995 година се одлучија илјадници луѓе од Сребреница, за некои беше „патот на смртта“, а за некои е тешко сеќавање и траума која ни денес, по 27 години не можат да ја заборават. Илјадници мажи и момчиња се убиени во текот на пробивот до слободната територија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓу илјадниците мажи кои во тој јули тргнаа кон шумите имаше и жени.
Зумра Ахметовиќ (49) е една од нив. Имала само 22 години. На пат тргнала со помладиот брат и роднините. Пред војната живеела во Горно Поточари кај Сребреница. Нејзината мајка починала кога имала 8 години, а татко ѝ во 1994 година. За нив се грижела мајката на нивниот татко.
„Пред војната бев четврта година во Средното машинско училиште во Братунац. Живеевме во село. Без мајка ми останав на 8 години. Грижата за мене и брат ми ја имаше нашата баба. Училиштето се прекина во 1992 година. Не ја доживеавме својата матура“, се присетува Ахметовиќ.

Пред падот на Сребреница во 1995 година, како што рече Ахметовиќ, во воздухот се почувствувала негативна енергија.
„И пред падот на Сребреница, луѓето се обидуваа да преминат на слободна територија. Тргнуваа и се враќаа. Некои преминаа, а некои не, зависи кого имаа за водич. Еден дел премина и пред самиот пад на Сребреница. Ние не ни размислувавме да ја напуштиме нашата куќа. Очекувавме дека сѐ ќе помине. Чекавме до последно“, раскажа Ахметовиќ.
Од едно лице добиле информација дека на 11 јули се напушта Сребреница и дека сите ќе мора да излезат.
„Одлуката беше децата, жените и мажите кои не беа способни, да одат кон Поточари, а военоспособните луѓе да одат кон шумата. Татко ми почина во 1994 година, а чичко ми таа вечер беше на стража, и беше тешко да се донесе таа одлука. Чичко ми ми беше вториот татко. Стрина ми дојде и ми рече: ’Оди ти со нив преку шумата, можеби ќе се вратите, нека има некој со нив којшто ќе им подготвува храна.‘ На пат тргна мојот брат кој е од мене помлад три години, на чичко ми синот кој е од мене помлад две години, и нашиот локален имам“, изјави Ахметовиќ.
Отишла кај тетка ѝ да праша што одлучиле.
„Нејзината ќерка Јасмина која е од мене постара три години, рече дека ќе оди со браќата преку шума. Им кажав дека и јас ќе одам“, истакна Ахметовиќ.
Во колона тргнале кон Шушнари, односно Буљим.
„Долго траеше патот до Буљим. Дојдовме до Каменица, место кое е познато како Буква, каде што страдаа голем број луѓе. Добивме известување од оние кои нѐ спроведуваа дека војската е напред, дека се врши пробив. Бевме во една котлина, седевме едни до други. Во меѓувреме се сретнавме и со чичко ми. Чекавме да се изврши пробив, па да тргнеме“, раскажа Ахметовиќ.
„Нѐ известија дека ќе тргнеме. Во моментот кога рекоа: ’Сега ќе тргнеме‘, почна пукањето од сите страни. Со раце ги држев брат ми и синот на чичко ми и паднав врз нозете на чичко ми. Сите лежевме. Само ги довикував со имиња да ми се јават, да слушнам дека си живи. Не знам колку траеше, можеби 10, 15 минути. Се смири, а тогаш слушнав лелек, крикови... Моите беа сите тука. Станавме, а јас најдов око на мојата рака. И по три дена имаше крв на мојата рака“, се присети Ахметовиќ.
Тргнале и повторно формирале колона, од оние кои преживеале и кои не биле ранети.
„Формирани беа помали колони и тргнавме. Влеговме во папрат која беше повисока од нас. Ни пријде нашиот командир, кој, за жал, не успеа да премине, и кој ни кажа да се предадеме бидејќи со Женевската конвенција ни гарантираат дека ќе бидеме безбедни. Рековме дека нема да се предадеме. Таму бевме јас, брат ми, чичко ми и неговиот син. Во таа папрат ги најдовме ќерката и постариот син на тетка ми. Помладиот син и тетинот некаде се изгубија. Подоцна дознавме дека помладиот син на тетка ми бил заробен. Беше шест месеци во Батковиќи и разменет е, татко им не успеал да премине. Подоцна е пронајден и закопан во Меморијалниот центар“, рече Ахметовиќ.

Додека се движеле, повторно наишле на заседа.
„Колоната повторно беше разбиена таму, но повторно се собравме. На тој пат ни се придружи и момче од соседството кое имаше 17 години. Тогаш бевме деветмина. Ни се приклучи човек кој беше целосно вооружен, имаше пушка, пиштол и нож. Му кажав на чичко ми дека е сомнителен. Не ми изгледаше изморен, не ми изгледаше како некој кој одел цел ден. Го прашав да го подели оружјето со нас, не сакаше. Кратко одеше со нас и потоа се издвои од колоната. Значи, тие веќе во втората заседа се уфрлија, беа меѓу нас. Излеговме од папратта и се симнавме во една шума. Тоа е веќе третиот ден“, се присети Ахметовиќ.
Дење не се движеле, патувале ноќе.
„На мегафон од главната улица нѐ повикуваа да се предадеме и гарантираа со Женевска конвенција дека нема да бидеме загрозени, дека ќе бидеме безбедни. Меѓутоа, ние деветмина тоа не го направивме. Ја чекавме ноќта да тргнеме. Секојпат кога некој ќе наидеше на тој премин се слушаа рафали. Никој не го премина тој пат. Чичко ми стана да погледне дали можеме да продолжиме. Се качи на еден рид, не се врати. Не се слушна глас, ниту истрели, но тој не се врати. Сѐ уште не е пронајден“, раскажа Ахметовиќ.
Тука биле до вечерта и тогаш тргнале.
„Никој не го знаеше патот. Сите првпат бевме на тоа подрачје. Ќерката на тетка ми беше најстара. Насоката ни беше кон излезот на сонцето. Одевме кон излезот на сонцето. Се случуваше цела ноќ да пешачиме и да дојдеме до местото од каде што сме тргнале“, додаде Ахметовиќ.
Се присети дека по првата заседа паднал дожд. Накиснале, на нив ништо не било суво. Тогаш се разболел синот на чичко ѝ.
„Доби температура. Бидејќи мојот татко почина во 1994 година, остана нешто од лековите кои ги зедов со мене, имаше и инфузија. Така што, на крајот таа инфузија ја поделивме. На патот наидов на некој сапун кој го зедов. Тој сапун го ставив на неговите чорапи кои ги облече, поучена од искуствата на постарите дека така може да се намали температурата. Најдовме две јаболки, се обидовме да исцедиме малку оцет. Успеавме да му ја спуштиме температурата“, се присети Ахметовиќ.
По толку денови во шумата немале доволно храна.
„Првите шест дена имавме храна оддома, онаа што ја понесовме со нас. По шест дена и тоа што го имавме се расипа. Моравме да го затнеме носот и да проголтаме тоа што го имаме. Пиевме вода таму каде што ќе најдевме. Јадевме зелено овошје. Веќе 13-от ден, кај Власеница влеговме во една куќа во едно село. Таму најдовме едно тенџере, три ќебиња, малку брашно... Се симнавме во потокот, направивме лепчиња, ги испековме на некој плех и ги поделивме. Тогаш почнавме да копаме компир, да береме краставици... Кога најдовме храна, беше малку полесно. Дотогаш сешто јадевме, дури и полжави“, рече Ахметовиќ.
На слободна територија преминале 18-от ден. Пред преминувањето поминале и под непријателските ровови.
„Веројатно сѐ уште не беа станати. Беше околу 5 изутрина. Лазевме покрај стеблата. На крајот имаше мина, за среќа ја видовме. Излеговме на патот. Наидовме на пакување од цигари „Дрина“. Тоа ни беше доказ дека можеби сме на слободна територија. Момче од 17 години кое беше со нас, секогаш одеше напред да набере малини, јагоди. Одеднаш го снема. Се појави со два леба. Ни рече: ’Дојдете, наши се.‘ Не верувавме дека се наши. Сите беа војници, во наши униформи, но сепак не верувавме. Кога почнаа да ги кажуваат своите имиња и да се молат за да ни дадат доказ дека се наши, преминавме и ние. Не верувавме дека успеавме. Се прегрнавме едни со други и плачевме“, се присети Ахметовиќ.
Верувала дека ќе успее да стигне до слободна територија. Нејзината баба, стрина и тетка веќе биле во Живинице. Тогаш и тие им се придружиле.
„Неколку ноќи воопшто не спиевме, не можевме. Во Живинице бевме кратко. Откако преминав, одлучив веднаш да продолжам со школувањето. Запишав виша школа - Техничка култура на Филозофскиот факултетот во Тузла. Бев во студентскиот дом. Се запишав во 1995 година, а 1997 година бев апсолвент, кога и се омажив. Кога тој дипломира една година подоцна, доби работа во Сараево и тогаш дојдовме тука. Тогаш го прекинав студирањето, иако ми останаа два испити“, истакна Ахметовиќ.
Во Сараево направиле куќа и добиле четири деца.
„Во 2010 година повторно одлучив да студирам, а во 2017 година завршив, една година подоцна и магистрирав. Во моментов работам како професор по информатика“, рече Ахметовиќ.
По толку години борба, таа е успешна и среќна мајка на четири деца. Меѓутоа, случувањата од јули 1995 година никогаш не може да ги заборави.
„Тешко е. Кога доаѓа јули и погребите, сеќавањата се враќаат. Сите емоции се враќаат и сѐ повторно го преживуваш“, додаде Ахметовиќ.
Сѐ уште не собрала храброст повторно да помине по патот по кој чекорела во 1995 година. Вели дека сака и дека еден ден тоа ќе го стори.
news_share_descriptionsubscription_contact
