Elena Trenchevska Chekovic
24 Април 2025•Ажурирај: 28 Април 2025
СКОПЈЕ (АА) - Во кампусот на Интернационалниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје официјалнo се отвори DIGIAGE, Источноевропскиот и балкански камп за развој на видеоигри 2025, јавува Анадолу.
На церемонијата на официјалното отворање присуствуваа истакнати гости од регионот, како и претставници од гејминг сферата, а воведни обраќања имаа ректорот на ИБУ, проф. д-р Лутфи Сунар, генералниот директор на „Билишим Вадиси“, Еркам Түзген, и директорот на DIGIAGE, Емре Јилдиз.
Тие ја потенцираа растечката важност на гејминг индустријата и значењето на меѓународната соработка за поттикнување иновации и дигитално претприемништво.
Ректорот Сунар го нагласи стратешкиот фокус на ИБУ на иновациите, тимската работа и дигиталната трансформација за време на универзитетскиот настан оваа недела.
„Го градиме темелот на дигиталната ера“, рече Сунар, посочувајќи го проширувањето на Универзитетот во областа на технологијата и дизајнот.
Моментално, ИБУ нуди шест програми по компјутерско инженерство, а до крајот на годината планира да го зголеми тој број на десет, вклучувајќи нови студии по софтверско инженерство и мрежна безбедност.
Сунар, исто така, го истакна социолошкото значење на соработката и конкуренцијата во образованието и институционалниот живот, додавајќи дека овој проект претставува вистинска можност за пренос на знаењето.
Генералниот директор на „Билишим Вадиси“, Түзген, истакна дека сериозно ја поддржуваат гејминг индустријата.
„Претходно имаме организирано 9 DIGIAGE-кампови. Сега ја организираме првата европска програма во Северна Македонија во соработка со ИБУ. Нашата цел е да ги поврземе претприемачите во гејминг индустријата и да изградиме заеднички врски“, рече Түзген.
Директорот на DIGIAGE, Јилдиз, пак, во обраќањето посочи дека целта е обединување на младите кои сакаат да влезат во гејминг екосистемот или веќе се дел од него, „без разлика дали бараат инвестиција или сакаат да ја објават својата игра. Овој камп што го одржуваме во Северна Македонија е десеттиот по ред на DIGIAGE.“
Инаку, кампот е организиран во партнерство на ИБУ, „Билишим Вадиси“ (Туркије) и Универзитетот „Сингидунум“ (Србија), а оваа година на едно место се собраа 65 учесници од земји како Туркије, Азербејџан, Србија и Северна Македонија. Во наредните четири дена, учесниците ќе работат интензивно за развој на два иновативни прототипи на игри, со поддршка од експертски ментори и професионалци од индустријата.
Од ИБУ нагласија дека како динамичен центар на академска извонредност и меѓународна соработка, Универзитетот продолжува да биде лидер во оспособувањето на младите таленти во дигиталниот свет, и дека со својата модерна инфраструктура и посветеност кон иновациите, нуди идеална средина за поттикнување на креативноста, прекуграничната соработка и претприемачкиот дух.
DIGIAGE кампот за развој на видеоигри е дел од проектот Erasmus+ во рамките на кој младите гејминг развивачи ќе можат да стекнат практично искуство, да ги унапредат своите вештини и да изградат трајни професионални мрежи.
Учесниците ќе продолжат да работат на своите проекти до 25 април, истражувајќи го целиот процес на развој на игри, од концепт до прототип, со поддршка на ИБУ.