Ekip
24 Мај 2020•Ажурирај: 25 Мај 2020
СКОПЈЕ / ТИРАНА / ПРИШТИНА (АА) -
Постот за месецот Рамазан за муслиманите заврши, а денес со почитување на мерките преземени против ширењето на коронавирусот (Ковид-19), во Северна Македонија се клањаше бајрам намаз (бајрамска молитва) по повод големиот празник Рамазан Бајрам, кој се одбележува по месецот на постот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поради полицискиот час, муслиманите утринската молитва (сабах намаз) ја клањаа дома, додека бајрам намаз клањаа во џамиите.
Претседателот на ИВЗ, реис ул-улема Сулејман Реџепи, скопскиот муфтија, Кенан Исмаил, советникот за верски прашања при Амбасадата на Турција во Скопје, Мурат Алкан Бајрам намаз го клањаа во Мустафа Пашината џамија во Скопје.
Бајрамската порака во име на реис ул-улема Сулејман Реџепи, ја прочита скопскиот муфтија, Исмаили на македонски, албански и турски јазик.
Претседателот на ИВЗ на Северна Македонија, Сулејман Реџепи, по бајрамската молитва даде изјава за медиумите каде што на сите верници им го честиташе Рамазан Бајрам.
Истакнувајќи дека е постигната победа во борбата против Ковид-19, Реџепи рече: „Би сакал да се заблагодарам на властите во Северна Македонија што не спречија муслиманите да го слават Рамазан Бајрам.“
По повод Рамазан Бајрам во Северна Македонија, полицискиот час денес ќе започне во 11:00 часот а ќе трае до вторник, 26 мај до 05:00 часот.
- Албанија
Централната молитвена церемонија по повод Рамазан Бајрам во Албанијасе одржа во џамијата Коконоз во Тирана, според протоколот за почитување на мерките преземени против ширењето на Ковид-19, а верниците намазот го клањаа и во дворот на џамијата.
Во претходните години, бајрам намаз се клањаше на плоштадите, но годинава, како резултат на мерките против ширењето на новиот коронавирус (Ковид-19), верниците клањаа само во џамијата.
Бајрам намаз се клањаше и во другите џамии во Албанија, бидејќи пред неколку дена беше решено да се продолжат верските обреди во џамиите.
- Косово
Во Косово поради пандемијата на коронавирусот се затворени сите џамии уште од средина на месец март, а денес бајрам намаз не се клањаше ниту во џамиите, ниту на отворен простор.
Претседателот на Исламската заедница на Косово, муфтијата Наим Трнава по повод Рамазан Бајрам упати порака од празната џамија „Султан Мехмет Фатих" во Приштина, поради пандемијата на коронавирусот.
Муфтијата потсети дека Рамазан Бајрам е еден од најголемите исламски празници, кој настапува по месец дена пост, што е еден од петте основни темели на исламот. Истака дека тоа е месецот на молитвата, но и месец на почитувањето, љубовта и солидарноста.