Ekip
24 Јуни 2017•Ажурирај: 25 Јуни 2017
СКОПЈЕ / ТИРАНА / ПРИШТИНА (АА) - Во пресрет на празникот Рамазан Бајрам, на пазарите и во продавниците во главните градови на Македонија, Косово и Албанија се забележува голем број на граѓани кои ги вршат последните подготовки во пресрет на овој голем празник за муслиманските верници. Граѓаните веќе два дена почнаа со подготовките, а снимките на Anadolu Agency (AA) неколку дена пред празникот покажуваат поголема раздвиженост на луѓето за разлика од другите денови.
- Подготовките за Бајрам носат раздвиженост во Старата скопска чаршија
Продавачите на скопските пазари велат дека почнале да се снабдуваат со производи за ги услужат граѓаните неколку дена порано, бидејќи побарувачката на купувачите пред овој празник е многу голема. Продавачите во Старата скопска чаршија истакнуваат дека раздвиженоста за овој празник се чувствува веќе недела дена претходно.
Од друга страна, граѓаните велат дека без оглед на условите или финансиските можности, тие успеваат да се подготват доволно за да ги вкусат традиционалните јадења на овој празник заедно со нивните семејства.
„Веќе 25 години ние сме во транзиција, сеуште сме во криза, но поминуваме некако. Верувам дека секој за Бајрам се снаоѓа финансиски, и како и обично поминува со своето семејство. Верувам дека оваа година ќе поминеме добро за Бајрам“, изјави Јакуп Рамуши, граѓанин на Скопје.
Според долгогодишната традиција, овој празник има неколку традиционални јадења, почнувајќи од слатките па се до другите видови јадења. Едно од слатките кое не недостасува во скоро секоја куќа е баклавата. Продавачите на баклавата велат дека ова слатко најчесто се продава за време на Бајрам, и истакнуваат дека поради големата побарувачка пред празникот не успеваат да обезбедат доволни количини за да ги задоволат потребите на потрошувачите.
„Многу граѓани бараат баклава. За Бајрам почнавме да се подготвуваме уште пред неколку дена, бидејќи имаме нарачки од купувачите. Повеќето ја бараат турската баклава но, исто така и тулумби“, вели Достана Мустафче, сопственик на слаткарница во Старата скопска чаршија.
- Баклава останува омилениот специјалитет за Рамазан Бајрам и во Албанија
За празникот на Рамазан Бајрам, во секој муслиманско семејство во Албанија, и покрај економските услови, се подготвуваат традиционалните јадења и слатки, меѓу кои најомилено продолжува да биде баклавата.
Од друга страна, продавачите ги нудат речиси сите потребни производи кои се барани од граѓаните за Бајрам, а во Тирана има најголема побарувачка за баклава во слаткарници.
Меѓу другото, истата традиција е присутна речиси во сите семејства кои го прославуваат празникот Бајрам во рамките на територијата на Македонија, Албанија и Косово, каде што трпезите се секогаш полни со различни традиционални јадења. Радоста и атмосферата се празнични, особено во оние семејства каде членовите постеле во текот на месец Рамазан.
- Косово се подготвува за Бајрам: Турската бакава незаобиколен специјалитет на трпезата
Граѓаните на Приштина почнаа да се подготват за празникот на Рамазан Бајрам. „Зелениот пазар“ во Приштина е полн со свежо овошје и зеленчук, како и голем број други прехранбени продукти за да се задоволи побарувачката на граѓаните за овој важен празник за муслиманите.
По 30 дена пост во светиот месец Рамазан, започнуваат подготовките во домовите на косовските граѓани, кадешто воглавно жените почнуваат да ја подготвуваат балкавата, која е симбол на бајрамската трпеза.
Мајсторот за подготовка на баклава, Омер Топлу од турскиот град Коња, е еден од оние луѓе кои подготвуваат оригинална турска баклава во една од слаткарниците во Приштина.
Топлу, кој подготвуваше баклава за празникот на Рамазан Бајрам, за АА рече дека има многу голема побарувачка за турската баклава во Приштина. Тој нагласи дека турската баклава, која се подготвува со многу тенка кора, се разликува од начинот на подговувањето во Косово и мора да има специјална опрема за нејзиното печење.
„Сите производи освен оревот ги донесуваме од Турција, бидејќи не можеме да ги најдеме тука, а баклавата ја произведуваме тука“, рече Топлу.
Сејди Халими, граѓанин од Приштина, за АА рече дека секое семејство во Косово празникот Бајрам го одбележува според своите материјални средства и дека треба да се посетат и оние кои имаат потреба од помош.