Andelija Stojkovic
03 Март 2017•Ажурирај: 04 Март 2017
БЕЛГРАД (АА) - Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, за време на посетата на Белград изјави дека Европската Унија не е поптполна без земјите од Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
„Верувам дека Европската Унија е непотполна сѐ додека Србија и другите држави од Балканот се надвор од нашето семејство. Овој регион се наоѓа во срцето на Европа. Историјата на Европа е пишувана во овој регион, со векови“, изјави Могерини обраќајќи се пред пратениците во Собранието на Србија.
Таа изјави дека ЕУ се грижи за Србија поради нејзината сегашност и иднина и дека вратите на ЕУ за Србија се секогаш отворени и со нетрпение исчекуваат таа да ѝ се придружи на Унијата.
„Додека ја разгледуваме иднината на ЕУ, мојата порака до регионот е дека иднината не е таква, Европа да има 27 членки. На местото на членката што ја напушти ЕУ ќе дојде друга, а една од нив ќе биде Србија“, изјави Могерини.
Таа оцени дека регионот минува низ деликатен момент, исполнет со етнички тензии, и дека Србија не е исклучок.
„Знам дека е тешко. Вашите одлуки се важни не само за стабилноста на регионот, туку за цела Европа. Улогата на Србија е клучна не само за Србија, туку за сите нас. Имате голема одговорност во вашите раце“, изјави Могерини.
Таа истакна дека има многу важна задача за Србија во Европската Унија.
„Србија секогаш била на крстопатот на световите, но вие не дозволивте да ви се залепи етикета. Вие одлучивте да се спротивставите на класичните поделби. Вашиот идентитет е источен и западен, и вие сте единствени. Гледам многу важна работа за Србија во ЕУ“, изјави Могерини.
Таа нагласи дека Србија минатата недела отворила две преговарачки поглавја, а минатата година четири, и дека е свесна оти граѓаните на Србија ги очекува повеќе од тоа, но дека тоа секогаш позитивно се одразува на секојдневниот живот на граѓаните.
Пратениците од Српската радикална партија, која ја предводи Воислав Шешељ, за време на говорот на Могерини извикуваа: „Србија, Русија не ни треба Унија“, и тропаа по пратеничките клупи, додека пратениците од десничарското движење Двери на градите држеа натписи „Србија не му верува на Брисел“.
На почетокот на своето излагање Могерини им рече на пратениците дека и претставува чест да се обрати во Домот на српската демократија и дека ѝ недостасува парламентарната динамика бидејќи некогаш била пратеничка.
„Ви благодарам што ми дадовте ваква можност“, изјави Могерини додека пратениците на десницата дофрлаа, при што таа им порача: „Мислевте дека ќе се откажам, но нема“.
Могерини им порача на пратениците да ги сочуваат гласовите за предизборната кампања и за обраќањето кон своите граѓани.
На седницата на Собранието присуствуваше и министерката задолжена за европски интеграции, Јадранка Јоксимовиќ и премиерот на Србија, Александар Вучиќ.