Senada Ibraimova
03 Март 2017•Ажурирај: 04 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Илјадници граѓани во организација на граѓанското здружение „За заедничка Македонија“ вечерва повторно се собраа пред Владата на Република Македонија (РМ), за да продолжат кон Собранието на РМ, кадешто го изразија својот став против албанската платформа и поддршката за одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не му го додели мандатот на претседателот на Социјал Демократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев да формира влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Тие особено бараат од македонските партии, да не го гласаат во Собранието законот за двојазичност на целата територија на Македонија, кој според нив ќе ја води Македонија кон редефинирање.
Говорниците пред Собрание предупредија дека ќе протестираат секој ден се додека политичките партии не ја решат актуелната политичка криза што ја зафати државата. Тие велат дека протестираат против промената на Уставот, името и корените на држвата.
Исто така ја упатија својата поддршка кон претседателот Иванов, да не му го даде мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за да формира Влада.
Организаторите на протестот отворија големо македонско знаме пред Собранието, каде што, по одржаните говори толпата мирно се раздели.
Освен во Скопје, продолжуваат протестите и во други градови низ Македонија.
- Заедничка платформа на албанските партии во Македонија
Таканаречената заедничка платформа на албанските политички партии во Македонија беше постигната по предвремените парламентарни избори на 11 декември минатата година, со посредство на премиерот на Албанија, Еди Рама.
Преку оваа заедничка платформа која содржи неколку барања за правата на Албанците во Македонија, лидерите на албанските политички партии се обврзуваат дека нема да учествуваат во новата Влада на Македонија доколку не бидат прифатени барањата наведени во платформата.