Andjelija Stojkovic
04 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
БЕЛГРАД (АА) - Младите луѓе кои протестираат против победата на актуелниот премиер, Александар Вучиќ, на претседателските избори во Србија и вечерва околу 18 часот се собраа пред Собранието на Србија во Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
Младите се собраа со звуците на свиркање и извици против Вучиќ, а на собирот и понатаму не се забележани партиски обележја.
Сообраќајот во Белград беше блокиран, полицијата ги обезбедува протестите, но не во голем број.
Млада жена се обиде повторно да го искине поставениот транспарент во рамките на „ѕидот на плачот“ на импровизираната ограда пред српското Собрание. Неколкумина момчиња ја спречија во тоа, а потоа се обидоа да ги заштитат плакатите на кои имаше фотографии и натписи за жртвите во Косово.
Повикот до младите да се соберат пред Собранието на Србија поради незадоволството од изборните резултати беше испратен преку Фејсбук, преку групата „Против против диктатурата“.
Неколку илјади млади луѓе вчера протестираа повеќе од три часа низ главните улици во градот извикувајќи „Пукна“, „Онесвести се“, „Долу диктатура“... и на крајот на вчерашниот собир порачаа дека продолжуваат и денес на 4. април - Денот на студентите.
Сè уште не се познати организаторите на протестите, а денес преку соопштение протестите ги поддржаа претседателските кандидати Саша Јанковиќ, Бошко Обрадовиќ и Лука Максимовиќ (Љубиша Прелетачевиќ - Бели), како и Демократската партија, кои ги предупредија младите да не прават инциденти. Првопласираниот кандидат, Александар Вучиќ, изјави дека во Србија има право да протестира секој оној што не е задоволен од изборите, сè додека тоа е мирно.