Admir Fazlagic
14 Ноември 2020•Ажурирај: 16 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, одржа прес-конференција поврзана со активностите во областа на регионалната соработка и мултилатералната соработка, со посебен акцент на членството на Република Северна Македонија во Организацијата за црноморска економска соработка (BSEC), јавува Агенција Анадолија (АА).
На тематската прес-конференција одржана во Министерството за надворешни работи, Османи информираше дека оваа недела, на 9 ноември, Република Северна Македонија официјално станала 13 земја членка на Организацијата за црноморска економска соработка (BSEC).
„Само за илустрација, оваа организација се протега на два континента и економски поврзува над 350 милиони жители. Оваа организација покрива три различни региони, Балканот, Кавказот и Црното Море, со површина од 20 милиони квадратни километри и вреди да се истакне дека обемот на трговијата во рамки на БСЕК изнесува приближно 170 милијарди долари годишно. Важно е да се потенцира и дека БСЕК го претставува вториот најголем извор на нафта и природен гас по регионот на Персискиот Залив, со што претставува еден од главните снабдувачи на енергија за Западна Европа“, истакна Османи.
Тој ги наведе по опсег сферите на соработка помеѓу земјите членки на организацијата, а тоа се: трговијата и економскиот развој; банките и финансиите; комуникацијата; енергијата; транспортот; земјоделството и агроиндустријата; здравствената и фармацевтската грижа; заштитата на животната средина; туризмот; науката и технологијата.
Според Османи, придобивките од БСЕК не се однесуваат само на членството во структурирана организација и отворањето на каналот за економска комуникација помеѓу земјите членки, туку и во реализацијата на заеднички проекти. Ова, како што рече тој, најмногу доаѓа до израз преку создавање фонд за развој на проекти во различните сектори на организацијата.
„Секое идно планирање на мегапроекти од областа на инфраструктурата или енергетиката, кои географски ќе потекнуваат од БСЕК, ние ќе можеме одблиску да ги следиме и да се вклучиме како корисник. Тоа секако создава и нови услови и можности за привлекување странски инвестиции, како и создавање дополнителен потенцијал за домашните бизниси, особено за оние кои се извозно ориентирани“, истакна Османи.
Тој додаде дека четири од пет соседни земји на Северна Македонија веќе се членки во БСЕК што, според неговото мислење, дополнително ги отвора можностите да настапуваат заеднички како соседи и како посебен регион во рамките на оваа организација штитејќи ги регионалните интереси.
БСЕК е основана во 1992 година во Истанбул, Турција. Членки на БСЕК се Турција, Албанија, Азербејџан, Бугарија, Ерменија, Грузија, Молдавија, Романија, Русија, Србија, Украина и Грција, а од 9 ноември официјално и Република Северна Македонија.
Во продолжение на прес-коференцијата, министерот Османи информираше дека Република Северна Македонија поднела кандидатура за претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ, во 2023 година.
„Утрово со писмо го известив премиерот на Албанија, Еди Рама, кој е сегашен претседавач на ОБСЕ, со што и формално нашата кандидатура ќе биде ставена на дневен ред на декемврискиот состанок на организацијата. Република Северна Македонија во последните неколку години постигна голем напредок во насока на целосно почитување на заедничките вредности врз кои почива ОБСЕ, како што се човековите права, демократијата, владеењето на правото, и во развојот на моделот на меѓуетничките односи, што е констатирано во сите релевантни меѓународни извештаи“, информираше Османи.