Sevil Çelik
22 Мај 2017•Ажурирај: 23 Мај 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Организацијата за црноморска економска соработка (BSEC) мора да стане ефикасно средство за решавање на регионалните проблеми, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод 25 години од основањето на Организацијата за црноморска соработка, која брои 12 постојани членки, во Истанбул се одржува Самит на лидерите на којшто во своето воведно обраќање турскиот претседател Ердоган истакна дека најголемиот успех на организацијата е тоа што на иста маса и околу заеднички интереси ги собра земјите во најпроблематичниот регион во светот.
„Секако, меѓу земјите во регинот може да постојат политички, па понекогаш дури и воени проблеми. Колку што ќе ја држиме Организацијата за црноморска економска соработка подалеку од тој вид на проблеми, дотолку поголеми ќе бидат плодовите од работата. Сметам дека мора да направиме и додатен исчекор и да ја направиме оваа организација поефикасно орудие за решавање на сите проблеми во регинот. Затоа, мораме настрана да ги ставиме несогласувањата и разликите што ги имаме, и да се насочиме кон она што ни е заедничко“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека сигурноста е основен предуслов за здрава средина за трговија и инвестиции, Ердоган кажа дека заедничката цел на сите земји од регионот треба да биде воспоставување на мирот, стабилноста и просперитетот.
Тој додаде дека Турција нуди секов вид повластици на сите странски инвеститори, без правење разлики, и дека тоа е пример кој треба да се следи.
„Реалност е дека земјите од црноморскиот регион моментално во трговската размена се далеку под потенцијалните можности. Мораме да бараме механизами за унапредување на тој вид на соработка. Кога би го искористиле потенцијалот на соработката само во областа на туризмот, тоа би бил нов почеток на просперитетот во регионот“, порача турскиот претседател Ердоган.
На Самитот во Истанбул присувствуваат претседатели, премиери или ресорни министри на 12 земји-членки, но и делегации на бројни земји набљудувачи и партнери, меѓу кои САД, Германија, Франција, Хрватска, Израел, Египет, Италија и други.
По завршувањето на самитот ќе биде објавена заедничка изјава на учесниците по повод 25 години од постоењето на Организацијата за црноморска соработка која ја сочинуваат Турција, Албанија, Азербејџан, Бугарија, Ерменија, Грузија, Молдавија, Романија, Русија, Србија, Украина и Грција.