политика, Балкан

Министерката за европски и меѓународни работи на Австрија во официјална посета на Северна Македонија

„Односите меѓу нашите две земји се одлични – политички стабилни, економски силни и исполнети со доверба и заемна поддршка“

Aida Cako  | 16.05.2025 - Обновена : 16.05.2025
Министерката за европски и меѓународни работи на Австрија во официјална посета на Северна Македонија Фото: Министерство за надоврешни работи и надворешна трговија на РСМ

СКОПЈЕ (АА) – На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес во Скопје престојува министерката за европски и меѓународни работи на Австрија, Беате Мајнл-Рајсингер, јавува Анадолу.

Ова е нејзина прва официјална посета на земјата по стапувањето на функцијата во март оваа година.

Двајцата официјални претставници остварија средба на која е разговарано за унапредување на билатералната соработка и зацврстување на австриската поддршка за европските интеграции на Северна Македонија.

„Односите меѓу нашите две земји се одлични – политички стабилни, економски силни и исполнети со доверба и заемна поддршка“, изјави министерот Муцунски, потенцирајќи ја улогата на Австрија како најголем странски инвеститор во земјата.

Специјален акцент беше ставен на економската соработка, со фокус на зголемување на трговската размена и привлекување нови инвестиции, особено во инфраструктурата, туризмот и енергетиката.

Во однос на евроинтеграциите, Муцунски изрази благодарност за „континуираната и гласна поддршка“ од Австрија, оценувајќи дека проширувањето на Европската Унија е „геополитичка неопходност за безбедноста и стабилноста на континентот“.

Министерката Мајнл-Рајсингер нагласи дека земјата е важен дел од Европа и дека Австрија силно ја поддржува нејзината европска перспектива.

„Гледаме колку е направено од ваша страна и колку отстапки сте направиле. Поминаа 20 години од почетокот на овој пат, и сега сме должни билатералните прашања да останат билатерални, а не да стануваат пречка во процесот“, изјави таа.

Муцунски упати благодарност за австриската солидарност по трагичниот настан во Кочани, при што повредените беа згрижени во болници во Виена и Грац.

Двајцата министри разменија мислења и за актуелните меѓународни прашања, нагласувајќи ја потребата од силна координација меѓу партнерите во услови на глобални предизвици. Потврдија дека Северна Македонија и Австрија стојат заедно на страната на мирот, почитта кон меѓународното јавно право и одбраната на основните демократски вредности.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.