Admir Fazlagic
02 Мај 2017•Ажурирај: 02 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Секторот за внатрешни работи на Република Македонија по поднесената кривична пријава од 30 април против вкупно 15 лица осомничени за сторени кривични дела - “учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ и “учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, продолжува со преземање мерки и активности за целосно расчистување на настаните предизвикани од упадот на граѓани во Собранието на Република Македонија од 27- ми април, при што до надлежното Основно јавно обвинителство (ОЈО) дополнително се доставени три посебни известувања околу сознанијата на истрагата за неколку лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
„По извршениот преглед на видео материјалите од безбедносните камери во Собранието идентификувани се лица кои што учествувале во отстранување на претходно поставената блокада на вратата од внатрешната страна од главниот влез на собраниската зграда", соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Инаку, претходно ОЈО Скопје побара распишување на Централни расписи за приведување на сите 15 лица за кои постојат основи за сомнение за погоре посочените кривични дела , така што на 30 април од слобода беа лишени осум лица кои што беа изведени пред Судија на претходна постапка кај петмина од нив изрече мерка притвор во траење од по осум дена, за едно лице мерка домашен притвор, а за две лица мерка - претпазливост.
Секторот за внатрешни работи - Скопје и натаму во координација со ОЈО Скопје интензивно работи на натамошна идентификација на лица коишто биле учесници во немилите настани од 27 април, известија од МВР.
Потсетуваме дека вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, од страна на парламентарното мнозинство предводено од Социјалдемократскиот сојуз, во хаотична ситуација, демонстрантите симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ кои се собраа пред зградата на Парламентот, влегоа на сила во зградата. Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи и пратеници, полицајци и претставници на медиумите.