Stipe Mayiç
02 Мај 2017•Ажурирај: 03 Мај 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Апсолутното мнозинство сака смена на претседателот на хрватскиот Сабор, Божо Петров, но тој не сака да се повлече, порача претседателот на ХДЗ, Жељко Реинер, кој не потврди дали хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Саборот го има потребното мнозинство за да ја сочува владата по смената на четворица министри и раздорот на коалицијата што ХДЗ ја имаше со Мост, јавува Anadolu Agency (AA).
Во хрватскиот Сабор се одржа состанок на Клубот на пратеници на ХДЗ, на кој учествуваше и премиерот Андреј Пленковиќ со министрите. И покрај очекувањата, премиерот Пленковиќ не им се обрати на претставниците на медиумите, туку потпретседателот на Соборот, Жељко Реинер.
Реинер го изнесе ставот дека ХДЗ инсистира првенствено на смена на претседателот на хрватскиот Сабор, Божо Петров, а потоа може да се продолжи, како што рече, со расправа за министерот за финансии Здравко Мариќ.
Реинер порача дека апсолутното мнозинство, 79 пратеници, потпишале барање за смена на претседателот на Саборот, Божо Петров, и доколку Петров остане на таа функција тоа би значело непочитување на демократските норми.
На новинарското инсистирање да потврди дека премиерот ќе успее да создаде мнозинство во Саборот, Реинер не даде конкретен одговор, само додаде дека во светот постојат многу т.н. малцински влади кои ја имаат поддршката на партиите кои не се дел од владата.