Stipe Mayiç
21 Јуни 2016•Ажурирај: 22 Јуни 2016
ЗАГРЕБ (АА) - Томислав Карамарко јавно пред медиумите поднесе оставка од функцијата претседател на ХДЗ, пред почетокот на Претседателството на партијата на која се најавуваше негова смена, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи за причините за својата оставка, Томислав Карамарко како едно од главните го наведе неисполнетото ветување дека ќе успее да формира парламентарно мнозинство по падот на Владата.
„Мислам дека тоа во модерниот, цивилизиран политички свет е сосема нормално и дека на некој начин сноси одговорност”, изјави Карамарко.
Порача дека ХДЗ мора да продолжи понатаму и да победува, и смета дека неговата оставка ќе остави некој нов импулс.
Карамарко изјави дека Владата која што се распадна била дисфункционална и дека ХДЗ во неа бил занемарен и блокиран во спроведувањето на својата програма, и покрај најголемиот број мандати.
Аферата поради која е сменет Карамарко ја смета за „добро исконструирана” и отфрла било каква вина за соработка на неговата сопруга со лобист од МОЛ која завршила пред тој да стане претседател на партијата.
Не сакаше да шпекулира за новиот претседател на ХДЗ за кој сè уште не се знае на кој начин ќе биде биран, но најверојатно по системот еден член еден глас.
Хрватските медиуми шпекулираат дека најдобриот и најизвесниот нов претседател на ХДЗ ќе биде пратеникот во Европскиот парламент, Андреј Пленковиќ, но се појавуваат и уште некои кандидати од самиот врв на партијата.
Претседателството на ХДЗ започна со заседавање по прес-конференцијата на Томислав Карамарко, што се одржа во седиштето на партијата.
ХДЗ има помалку од два и пол месеци да се подготви за парламентарните избори на кои ќе излезе со новиот претседател.