Senita Şeherçehayiç
12 Септември 2016•Ажурирај: 13 Септември 2016
САРАЕВО (AA) - Според привремените непотполни резултати од парламентарните избори во Хрватска што се одржаа во вчера, а кои на полноќ ги објави Државната изборна комисија (ДИК) врз основа на околу 62 отсто од пребројаните гласови, Хрватската демократска заедница води во седум од 11 изборни единици, јавува Anadolu Agency (AA).
Според истите податоци, Социјалдемократската партија води во четири изборни единици. Независната листа Мост го помина изборниот праг во десет изборни едници, а Жив sид во осум изборни единици.
Според пресметувањата што ги објавија хрватските медиуми, за распределувањето на мандатите во Хрватскиот сабор, кој брои вкупно 151 пратеничко место, ХДЗ освои 62 мандата, СДП 53, Мост 12, Жив sид 7 мандати.
Меѓутоа, од ДИК вчера рекоа дека таа државна институција нема да објавува податоци за распределбата на мандатите сѐ додека не бидат пребројани гласовите од сите изборни места на овие предвремени парламентарни избори.
„Досега се обработени помалите изборни места. Во Република Хрватска обработени се 4.059 гласачки места со 53,49 отсто гласачи, во странство, од 115 гласачки места обработивме 73, а тоа е 65,18 отсто“, рече претседателот на хрватската Државната изборна комисија, Бранко Хрватин, на конференцијата за медиумите одржана на полноќ.
Според податоците на ДИК, од затворањето на гласачките места во 19 часот, па до полноќ, обработени се гласовите со 66,86 отсто гласачки места, а излезноста на гласачите изнесуваше 52 отсто.