Admir Fazlagic
28 Април 2017•Ажурирај: 28 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерство за внатрешни работи информира дека безбедносната состојба во централното градско подрачје, околу и во собранието е нормализирана со воспоставување на нарушениот јавен ред и мир. Според соопштението на МВР, во вечерашните инциденти пред и во Собранието, повредени се 70 граѓани, 22 полициски службеници и тројца пратеници, пренесува Anadolu Agency (AA).
Поради претходната севкупна безбедносна состојба, информираше Министерството за внатрешни работи, Секторот за внатрешни работи Скопје ќе преземе дополнителни мерки и активности со цел заштита на сигурноста на граѓаните, објектите и обезбедување стабилна и поволна безбедносна состојба.
„Во Градската општа болница 8-ми септември, Градска болница Св. Климент Охридски и Клинички Центар лекарска помош побарале 70 граѓани, 22 полициски службеници и тројца пратеници. Дополнително во Касарната Ѓорче Петров лекарска помош им е укажана на уште седум лица. Во моментов во Собрание на Р. Македонија нема повеќе граѓани, а граѓаните кои протестираа се надвор oд Собранието", соопшти МВР.
Со 62 гласа „за“, во хаотична атмосфера во Собранието, парламентарното мнозинство го избра пратеникот од ДУИ, Талат Џафери за претседател на Собранието. Потоа следуваа инциденти пред Собранието и внатре во Собранието, кога насилно во Собранието влегоа дел од собраните граѓани кои протестираа пред зградата на Собранието.