Zlatan Kapic
08 Јуни 2021•Ажурирај: 10 Јуни 2021
ПОТОЧАРИ
Мајките од Сребреница пред конечната пресуда за воениот злосторник Ратко Младиќ очекуваат задоволување на правдата, потсетувајќи дека секое судско рочиште, секоја приказна и разговор за судењето и годишнината на геноцидот се многу болни.
Нура Мустафиќ, која во геноцидот извршен во Сребреница ги загуби своите 3 сина и сопругот, за Агенција Анадолија изјави дека многу е тешко чувството пред изрекувањето на конечната пресуда.

„Низ цела Босна има бели нишани (надгробни споменици). Сребреница беше заштитена зона, а видовте и покрај тоа што се случи. Ги зедоа најмилите од секого, не само кај мене, кај сите. Важно е да се знае дека тој го стори геноцидот над цела Босна и Херцеговина. Тешко е“, рече Мустафиќ.
И Рефија Хаџибулиќ ќе го следи изрекувањето на судската пресуда во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари.

„Кој ги испоуби овие деца? Ние само бараме правдата да биде задоволена. Да се осуди за геноцид, бидејќи не е можно да се тврди дека немаше геноцид. Само тоа. Нека го осудат колку што сакаат, нашите деца повеќе ги нема. Неговите ќе отидат да го видат, а ние нашите не можеме да ги видиме“, рече Хаџибулиќ.
Конечната пресуда за Ратко Младиќ, првостепено осуден воен злосторник, ќе биде обелоденета денес пред Механизмот за меѓународни кривични судови во Хаг. Со првостепената пресуда од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија пред четири години, Младиќ беше осуден на доживотна казна затвор поради геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото во 15 општини во Босна и Херцеговина, опсада, снајперско делување и тероризирање на граѓаните на Сараево од 1992 до 1995 година и држење на припадниците на мировната мисија на Обединетите нации (ОН) како заложници во текот на бомбардирањата на НАТО.