Abdula Berisha
24 Ноември 2021•Ажурирај: 25 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Учениците и наставниците од Основното училиште „Исмаил Ќемали“ во Скопје маршираа во знак на солидарност со жртвите од вчерашната автобуска несреќа во Бугарија, во која животот го загубија 46 лица, меѓу кои 12 деца, јавува Агенција Анадолија (AA).
Од 12-те деца, 5 биле ученици на училиштето „Исмаил Ќемали“, сите членови на исто семејство. Станува збор за учениците: Белма Јахи, второ одделение, родена 2014 година; Омер Јахи, шесто одделение, роден 2010 година; Разије Јахи, осмо одделение, родена 2009 година; Ајла Јахи, деветто одделение, родена 2007 година; и Ергин Јахи, деветто одделение, роден 2007 година.
Во изјава за АА, Ќамил Имери, класен раководител на одделението во кое учеа Ергин и Ајла, изразувајќи сочувство, изјави дека многу од учениците плачат по своите другари.
„Беа многу добри ученици, учтиви, образовани, но за жал, се случи она што се случи. Побараа да ги пуштам во Турција на кратко патување, бидејќи беше и празникот 22 Ноември. На враќање од Турција се случи трагедијата во Бугарија. Изразувам сочувство до нивното семејство, го молам Алах да им даде трпение, сила, да се соочат со оваа болка“, рече Имери.

Првично, дел од учениците во придружба на нивните учители ги посетија роднините на нивните починати пријатели за да изразат сочувство. Во несреќата, покрај петте деца, животот го загубија уште двајца блиски членови на семејството Јахи.
Потоа, околу 1.700 ученици од ОУ „Исмаил Ќемали“ маршираа околу 3,5 километри од нивното училиште до Плоштадот „Скендербег“ во Скопската чаршија, каде што положија цвеќе и им оддадоа почит на жртвите.
Бурбуќе Имери, директорката на училиштето, во изјава за медиумите рече дека се многу погодени од трагичната несреќа.

„Сочувство до семејството, учениците, наставниците, кои имаа убави моменти со учениците кои трагично ги загубија животите. Навистина немам друг коментар, многу нè растажи случајот. За едно училиште, да загинат пет ученици, е многу, многу голема трагедија“, рече Имери.
Исто така, ученичка изрецитира стихови во спомен на пријателите кои починаа, истакнувајќи дека сè им изгледа нереално.
„Во спомен на овие ученици, во спомен на овие млади луѓе кои трагично ги загубија животите, сакам да им порачам на сите мои врсници, болката и тагата секогаш ќе бидат присутни во нашите срца“, рече ученичката.
Потсетуваме дека во чест на жртвите, Северна Македонија вчера прогласи тридневна жалост, додека денеска е ден на жалост во Бугарија и Косово.