Ihvan Radoykov
23 Ноември 2021•Ажурирај: 24 Ноември 2021
ПЕРНИК (АА) - Продолжува истрагата за сообраќајната несреќа во која загинаа 46 граѓани од Северна Македонија, кај селото Боснек во градскиот регион Перник, западно од главниот град Софија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бугарскиот заменик-обвинител Борислав Сарафов, кој го посети местото на несреќата заедно со јавниот обвинител на Северна Македонија, Љубомир Јовески, рече: „Во автобусот е настаната експлозија. Жртвите се идентификуваат.“
Наведувајќи дека се очекуваат генетски примероци од Северна Македонија за да се утврди идентитетот на патниците чии тела станале пепел, Сарафов рече:
„Сликата од инцидентот е сè појасна. На 2 од 7-те повредени патници кои се хоспитализирани во болницата Пирогов во Софија им се земени изјави. Другите сè уште не можат да зборуваат бидејќи се во шок. Покрај тоа, дадоа изјави и некои очевидци на несреќата. Истрагата се заснова на две главни претпоставки: технички проблем или човечка грешка.“
Сарафов додаде дека истрагата ќе ја води Бугарија и дека нема да се води посебна истрага во Северна Македонија.
„Со години продуктивно соработуваме со бугарските власти. Се надеваме дека за кратко време ќе се откријат причините за несреќата“, рече јавниот обвинител Јовевски.
Опишувајќи го настанот како „голема трагедија“, Јовески рече:
„Во несреќата живи изгореа 12 деца. Изразувам сочувство до нивните семејства. Како дел од нашата соработка во истрагата ќе ги откриеме сите детали. Ќе ја обезбедиме неопходната помош за идентификација на починатите.“
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција на Северна Македонија, Вилма Русковска, изјави дека се сретнала со сопственикот на транспортната компанија и дознала дека оваа компанија, која работи 20 години, нема никаков технички или друг проблем.
Меѓу другото, Русковска истакна дека сите документи поврзани со регистрацијата и техничката контрола на компанијата ќе бидат доставени до бугарските власти за потребите на истрагата.
Најмалку 46 луѓе починаа откако автобус со македонски регистерски ознаки се запали на автопат во западна Бугарија рано утрово. Меѓу починатите се и 12 деца.