Admir Fazlagic
22 Септември 2018•Ажурирај: 23 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон преку видеопорака им се обрати на граѓаните на Македонија во пресрет на референдумот, порачувајќи дека Договорот со Грција овозможува иднина за земјата и дека верува во мудроста на граѓаните, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во пораката, Макрон вели дека веќе 25 години Македонија и Франција негуваат дипломатски односи.
Според него, во последните години беа направени многу нешта, но на 17 јуни оваа година се направи голем исчекор со постигнувањето на Спогодбата од Преспа, со која се стави крај на 27-годишниот спор за името.
„Запознаен сум со сите полемики кои се водат и кои се дел од демократската дебата во земјата. Но јас, бидејќи верувам во нашиот континент, во силата на Европа, во моќта на колективната мудрост и во заемната соработка, одовде би сакал да се обврзам и да ви кажам во она во коешто верувам. Знам дека ниту еден договор не е совршен. Знам дека за едните тој не е доволно долгорочен, а за другите дека поинаку би го испреговарале. Ги слушам сите критики кои се кажани“, истакнува Макрон во пораката, додавајќи дека до пред неколку месеци никој не се надевал на овој Договор.
„Но, на овој Договор се чекаше веќе 27 години. Тој се постигна поради храброста на вашите и на грчките лидери. Затоа јас го поддржувам. Потполно! Силно!“, вели Макрон, истакнувајќи дека Договорот има централно место во плановите за иднината на земјата.
Францускиот претседател вели дека граѓаните треба да изберат и да се одлучат дали се за промена на Уставот или не, за
Спогодбата да стане важечка.
„Да станете Северна Македонија, согласно Спогодбата. Јас одлучно сум „за“ и цврсто верувам дека овој Договор е добар. За вас, за целиот регион и за Европа. Сметам на вас“, порачува Макрон во видеопораката упатена до граѓаните на Македонија во пресрет на референдумот на 30 септември оваа година.
Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“