Admir Fazlagic
23 Септември 2018•Ажурирај: 24 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Утрово во близина на село Смоквица, гевгелиско, полициските службеници пронајдоа 83 илегални мигранти, од кои 11 малолетни лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството за внатрешни работи (МВР) на Република Македонија денеска соопшти дека од страна на полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и гранична контрола - Богородица, спречено е криумчарење на мигранти во товарно моторно возило влекач, со гевгелиски регистарски ознаки, сопственост на фирма, а управувано од возач од Гевгелија.
„Во товарниот простор од возилото пронајдени се 83 илегални мигранти, од кои 11 малолетни лица (10 од Пакистан и еден од Авганистан) и 72 полнолетни лица мигранти (четири од Ирак, еден од Индија, еден од Авганистан и 66 од Пакистан)“, соопшти МВР.
Се наведува дека возачот е обезбеден за понатамошна постапка, а лицата во моментов се наоѓаат во Прифатниот центар во Гевгелија.