ТИРАНА (АА) - Претседателот на Франција, Емануел Макрон, престојува во официјална посета на Албанија, а со државна церемонија беше пречекан од претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, јавува Анадолу.
Официјалната церемонија со воени почести се одржа во седиштето на Претседателството на Албанија, а присуствуваа и други претставници од двете земји.
По церемонијата, средбата меѓу двајцата претседатели се одржа без присуство на медиумите.
Во соопштението на Претседателството на Албанија се наведува дека оваа посета е историски настан во односите меѓу двете земји, бидејќи е прва официјална посета од претседател на Франција на Албанија.
Според соопштението, претседателот Бегај на средбата подвлекол дека оваа посета го покажува заедничкиот интерес за зајакнување на билатералните односи, и е во насока на мирот, безбедноста и развојот на регионот на Западен Балкан.
„Европската интеграција на Албанија и случувањата во регионот беа исто така дел од разговорите со претседателот Макрон. Претседателот Бегај изрази благодарност за поддршката што Франција и претседателот Макрон ја даваат и продолжуваат да ја даваат на процесот на проширување и европска интеграција на Албанија и на другите земји од регионот на Западен Балкан преку Берлинскиот процес. Тој ја пофали и иницијативата преземена пред една година од претседателот Макрон за лансирање на Европската политичка заедница, како иницијатива која дава повеќе можности на Албанија и на другите земји кандидати во Европската Унија, да имаат поголем пристап до проектите на ЕУ, особено во областа на универзитетската и студентската размена“, се вели во соопштението.
Исто така, се истакнува дека претседателот Бегај му се заблагодарил на претседателот Макрон за неговиот придонес во поддршката на дијалогот меѓу Косово и Србија, „особено преку таканаречениот француско-германски план, подвлекувајќи ја потребата од натамошна поддршка на овој дијалог, но и потребата од казнување и обесхрабрување на актите на насилство и провокации во општините во северно Косово“.
„Косово е суверена и независна земја, а терористичките акти како оној во Бањска во Звечан (24 септември 2023) се неприфатливи за нејзината безбедност, но и за регионот и за целиот европски континент“, се нагласува во соопштението на Претседателството на Албанија.
Понатаму се вели дека претседателот Бегај оценил дека пет години по потпишувањето на декларацијата за стратешко партнерство меѓу двете земји, односите меѓу Албанија и Франција влегле во нова и многу динамична фаза.
„Претседателот Бегај го изрази своето задоволство што надвор од консолидираните културни односи меѓу двете земји, големиот интерес на француските компании, особено во областа на обновливите извори на енергија, но не само, ги носи односите на друго, уште повисоко ниво“, се наведува во соопштението.
За време на посетата, премиерот на Албанија, Еди Рама, и претседателот на Франција, Макрон, ќе потпишат договор за соработка меѓу двете земји.