Admir Fazlagic
01 Јануари 2019•Ажурирај: 02 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) – Ведран е првото машко бебе кое во Македонија се роди во Новата 2019 година, една минута по полноќ, и прво бебе на 25-годишната мајка Александра Ангеловска од Скопје. Бебето е родено во Клиниката за гинекологија и акушерство при Универзитетскиот клинички центар во Скопје. Тешко е 3,920 килограми и долго 52 сантиметри, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за здравство, Венко Филипче, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, денес ја посетија мајката и детето и им посакаа многу здравје.
Градоначалникот на бебето Ведран му подари играчка, на мајката ваучер од 20.000 денари, а министерката Царовска, пак, на мајката ѝ подари еден златник.
Министерот за здравство, Венко Филипче, честитајќи ја Новата година на сите, на новороденото бебе му посака многу здравје.
„Новата година значи нов почеток. Токму затоа денеска дојдовме да го посетиме првиот роден живот во оваа година, со цел да посакаме многу детски насмевки, мирни детски денови, раст и развој заедно со неговите родители, и очекуваме, кога истото бебе ќе порасне да го даде својот максимум во изградба на нашата држава“, рече Царовска.
Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, исто така на мајката и на првороденото бебе во оваа година им посака здравје, среќа и многу успех.
На Гинекологија во Скопје изминатата ноќ се родиле 7 бебиња. Во текот на минатата година биле родени вкупно 4.630 бебиња.