Besar Ademi
01 Јануари 2017•Ажурирај: 02 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Првото бебе во Скопје во 2017 година е машко, родено рано утринава во 04:15 часот во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир. Бебето е тешко 3 килограми и 400 грама и долго 53 сантиметри, тоа е првородено дете на мајката Хикмет Рамадан (1991), јавува Anadolu Agency (AA).
Мајката и бебето напладне беа посетени од страна на министерот за здравство, Никола Тодоров, министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, и од градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Министерот Тодоров изјави дека ова е првото бебе родено во 2017 година во Скопје, но на територијата на Македонија првото бебе во 2017 е женско, родено во Битола, 20 минути по полноќ.
„Сакам да им се заблагодарам на здравствените работници, на дежурниот тим овде во "Мајка Тереза" во Чаир, но и на сите здравствени работници низ цела Македонија, за нивната посветеност и пожртвуваност, кои во текот на новогодишната ноќ, кога сите луѓе слават со своите семејства, некои од здравствените работници ја обавуваат својата должност, и се тука за сите пациенти во Македонија“, рече Тодоров.
Градоначалникот Коце Трајановски, посакувајќи им на родителите на бебето успех и уште многу среќни моменти како фамилија, посака здравје на бебето, и изјави дека, “Градот Скопје на бебето му подари штедна книшка од 20 илјади денари“.
Лекарот истакна дека процесот на породување започнал спонтано, но завршил со операција. Тој додаде дека породувањето поминало добро и без проблеми, а мајката и бебето се во добра здравствена состојба.