Ivana Ramadanova
01 Јануари 2018•Ажурирај: 02 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, заедно со министрите за здравство и за труд и социјална политика, Венко Филипче и Мила Царовска, денеска беа во посета на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, каде што се роди првото новороденче во 2018 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје информираат дека првото бебе е родено една минута по полноќ и е втора рожба на мајката Борјана Радевска од Скопје.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов изјави дека традиционално на најмладата скопјанка, малата Теодора и подариле штедна книшка со 20 илјади денари.
Министерот за здравство, Венко Филипче, во изјавата за медиумите истакна дека на среќните родители им го честитале второто дете во семејството посакувајќи им да расне здраво, порачувајќи им да ги викнат на првиот роденден.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, нагласи дека како ресорно министерство, заедно со Владата се грижат за секое дете во државата.
„Навистина ми е мило што имавме можност сите заедно да ја споделиме нивната среќа којашто видно ја споделуваат преку свежината во очите на мајката и таткото. Она што е важно да го истакнам е дека ние како министерство и како влада се грижиме за секое детенце во државата“, истакна Царовска.
Таа најави дека во иднина ќе работат на подоборување на квалитетот на предучилишното образование.
Како што изјави директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Адела Поп Стефанија, утринава на клиниката се родиле вкупно 10 бебиња.
„Во Новата година почнавме со здраво женско детенце, родено спонтано, тешко три килограми и 70 грама и долго 49 сантиметри. Нека биде и оваа година бериќетна, како што почнавме со женско дете. Да го заборавиме лошото и да размислуваме само на иднината со убави моменти“, истакна директорката Адела Поп Стефанија.