Балкан

Лидерите на Србија и Косово ќе се сретнат во Брисел

На средбата ќе присуствува и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград - Приштина, Мирослав Лајчак

Ömer Tuğrul Çam  | 05.08.2022 - Обновена : 08.08.2022
Лидерите на Србија и Косово ќе се сретнат во Брисел

БРИСЕЛ (АА) – Премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе се сретнат на 18 август во Брисел, по зголемувањето на тензиите околу одлуката сите, вклучително и Србите кои живеат во Косово, да добијат косовска лична карта и регистарска табличка, јавува Агенција Анадолија (АА).

Според Петер Стано, еден од портпаролите на Европската комисија, високиот претставник за надворешни односи и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, двајцата лидери ги поканил во Брисел.

Наведено е дека Вучиќ и Курти ја прифатиле поканата и ќе одржат средба на која ќе учествува и Борел.

Се нагласува дека на средбата ќе присуствува и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград - Приштина, Мирослав Лајчак.

- Тензиите меѓу Косово и Србија -

Откако беше соопштено дека сите, вклучително и Србите кои живеат во Косово, ќе треба да имаат косовска лична карта и регистарска табличка, Србите во Косово вечерта на 31 јули ги затворија граничните премини на северот на земјата.

Косовската Влада одлучи да ја одложи примената на одлуката која создаде тензии за 1 септември, откако беа отстранети сите барикади поставени на патиштата кои водат до граничните порти со Србија.

Србија за своја територија го смета Косово, кое еднострано прогласи независност во 2008 година.

Процесот на дијалог Белград - Приштина, започнат во 2011 година под посредство на ЕУ, има за цел да ги нормализира односите и конечно двете земји да се признаат меѓу себе.

Процесот на дијалог меѓу Косово и Србија често се прекинува од различни причини, како што се тензиите вечерта на 31 јули.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.