Fatjon Cuka
21 Декември 2019•Ажурирај: 21 Декември 2019
ТИРАНА (АА) - Во Албанија започна состанокот на лидерите на земјите од Западен Балкан за продлабочување на соработката за забрзување на „Четирите слободи на ЕУ“, со фокус на дискусиите за елиминирање на пречките за слободното движење на граѓаните, стоките, услугите и капиталот, јавува Агенција Анадолија (AA).
По посетата на Драч во областите погодени од земјотресот од 26 ноември и хотелите во кои се сместени погодените граѓани, албанскиот премиер Еди Рама, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, остварија официјална средба, за потоа да продолжат со средбата меѓу делегациите.
Активностите на оваа регионална средба ќе завршат со заедничка прес-конференција на лидерите учесници.
Во меѓувреме, Косово не присуствува на третиот состанок на регионалните држави за идејата за „Балкански мини-шенген“, и покрај поканата за претседателот Хашим Тачи.
На состанокот присуствуваат и претставници на Светската банка (СБ), Соединетите Американски Држави (САД) и Европската комисија (ЕК).
- Повторно одржан протест -
За време на средбата на лидерите, граѓански активисти, претставници на Здружението „Чамерија“ и граѓани протестираа против целите на состанокот и против присуството на состанокот на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Протестот се одржа на булеварот „Маченици на нацијата“ во Тирана, пред хотелската зграда во која се одржува средбата на лидерите.
Демонстрантите носеа албански знамиња и транспаренти со натписи „Косово е моја скапоцена крв што не се простува“, „Сакаме обединување со Косово, а не со Србија“, „Справи се со граѓаните погодени од земјотресот, а не со нова Југославија“, реагирајќи, според нив, против идејата за „Балканскиот мини-шенген“.
Полициските сили исто така беа ангажирани во протестот за избегнување на инциденти.
Во меѓувреме, синоќа активисти на движењето Самоопределување и граѓани протестираа против учеството на Вучиќ на состанокот на регионалните лидери.
Средбата во Тирана следува по две средби на ова ниво, што се одржаа во Нови Сад, Србија, и во Охрид, Северна Македонија.