Zylfije Adem Jakupi
11 Ноември 2022•Ажурирај: 12 Ноември 2022
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Албин Курти, кој престојува во Франција како учесник на Мировниот форум во Париз, денеска се состана со високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Борел и специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог Косово - Србија, Мирослав Лајчак, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што информираа од Владата на Косово, главни теми на разговорот биле динамичноста на дијалогот Косово - Србија, примената на одлуките за нелегалните регистарски таблички, најновите случувања во Косово и други актуелни теми.
Курти ги истакнал елементите на Рамковниот договор за целосна нормализација на односите со Србија, со фокус на меѓусебното признавање.
Премиерот на Косово рекол дека француско-германскиот предлог, кој ја има поддршката на САД и ЕУ, претставен од страна на емисарите Јенс Плотнер и Емануел Бон, служи како добра основа за натамошна дискусија.
Осврнувајќи се на неодамнешните случувања во северниот дел на земјата, Курти повторил дека Владата на Косово ја покажала одлучноста за владеење на правото и посветеноста за одржување на мирот и безбедноста во земјата.
Тој пред заминувањето за Париз најавил можност од одржување на трилатерален состанок со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Курти и претседателката на Косово, Вјоса Османи, која, исто така учествува на Мировниот форум во Париз, вчера во Елисејската палата се состанаа со претседателот на Франција, Емануел Макрон.
Османи и Курти со францускиот претседател разговараа за продлабочувањето на билатералните односи на двете земји, динамиката на косовско-српскиот дијалог, како и за најновите случувања на Косово, во регионот и во Европа.
Османи и Курти рекле дека Косово ќе продолжи да биде во координација со меѓународните партнери за решавање на безбедносните предизвици.
Да потсетиме, минатата сабота српските претставници се повлекоа од косовското Собрание и Владата, како и од сите институции во четирите општини во северниот дел на Косово во кои живее мнозинско српско население, вклучувајќи ги и претставниците во полицијата и судството. Одлуката за повлекување е донесена откако поради одбивање да ја спроведува одлуката на Владата на Косово за изрекување опомени на граѓаните со непререгистрирани таблички, в. д. директор на Полицијата на Косово го суспендира директорот на Регионалниот директорат на полицијата на Северна Митровица, Ненад Ѓуриќ.
Од Српската листа информираа дека нејзината одлука останува во сила сѐ додека Приштина не ја повлече „едностраната и противправната одлука“ за пререгистрација на табличките и додека не се формира Заедница на општини со српско мнозинство, што е во согласност со Првиот договор од Брисел.
Иако САД и ЕУ упатиле барање до косовската Влада за продолжување на рокот за примена на новиот режим на регистарски таблички на девет месеци, поради постоењето опасност од ескалација на безбедносната ситуација во земјата, Владата на Косово на 1 ноември започна со примена на својата одлука за постепено санкционирање. Во првата фаза се предвидува издавање предупредувања на сопствениците на возилата кои имаат таблички со ознаки на косовските градови што ги издава СУП на Србија.
Во втората фаза, што ќе трае од 21 ноември до 21 јануари, ќе следуваат казни во висина од 150 евра. Потоа од 21 јануари до 21 април ќе следува фаза на издавање пробни таблички, додека по 21 април, возилата со српски нелегални таблички нема да можат да учествуваат во сообраќајот. Пререгистрацијата кон легални РКС-таблички, со финансиски погодности, е можна до 31 март.