Zylfije Adem Jakupi
10 Ноември 2022•Ажурирај: 11 Ноември 2022
ПРИШТИНА (АА) - На почетокот на пленарната седница на Собранието на Косово стана збор за актуелната ситуација во северниот дел на Косово по излегувањето на припадниците на српската заедница од косовските институции, поради што опозицијата ја критикуваше Владата и премиерот Албин Курти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на пратеничката група на опозициската Демократска партија на Косово, Абелард Тахири, рече дека Косово не треба да го доведува во прашање пријателството со САД. Тахири истакна дека ПДК ќе ја поддржи Владата да го оствари суверенитетот во северниот дел на Косово, но дека мора да се води сметка да не се наруши напредокот постигнат во интеграцијата на северот од земјата.
„Очите на светот нѐ гледаат како Косово, без разлика дали раководиме ние или вие. Затоа, убеден сум дека вие треба да размислувате, да ја зголемите својата посветеност кон северот од земјата. Да го зголемите бројот на полицајци, обвинители, судии, на оние граѓани на кои им се закануваат со криминал, на кои им се закануваат Радојчиќ и Веселиновиќ [санкционирани од САД], да не бидат жртви, туку да продолжат да живеат во државата Косово“, рече Тахири.
Шефот на пратеничката опозициска група, Демократски сојуз на Косово, Арбен Гаши, го критикуваше премиерот Албин Курти поради начинот на кој управува со ситуацијата поврзана со регистарските таблички и ситуацијата во северниот дел на земјата. Тој рече дека Кутри го води егото, додека неговата партија цврсто стои на зачувување на партнерството со САД.
Министерката за правда на Косово, Албулена Хаџиу, пред пратениците рече дека Косово за првпат има достоинствена позиција во односот на преговорите со Србија, нешто што претставниците на државата досега не го виделе.
„Првпат тројца лидери на Република Косово се обединети со своите ставови кон Србија. И, се разбира, би сакала опозицијата да се приклучи во ова обединување, бидејќи можеби имаме разлики во однос на разни идеолошки програмски прашања, но никако во нашите ставови кон Србија“, нагласи Хаџиу.
Пратеникот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово, Арменд Земај, изјави дека е вознемирувачки колку лесно Владата на Косово ја прифатила ситуацијата во северниот дел на Косово. Според зборовите на Земај, во моментов во северниот дел од земјата, како резултат на поднесените оставки на српските официјални лица од косовските институции, државните институции не функционираат како што треба и Владата мора да дејствува.
„На 17 отсто од територијата затворени се институциите на Косово. На 17 отсто од територијата денес не постојат институции, правни механизми кои воспоставуваат ред и безбедност за тие граѓани“, нагласи Земај. Пратеникот и претседател на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, рече дека Курти треба да го прифати барањето за одложување на датумот за пререгистрација на табличките до постигнување на договорот, да реализира интензивен дијалог со косовските Срби за да се вратат во институциите, да води интензивен дијалог со опозицијата во земјата и на крај, да побара организирање на Самит во САД до склучување на конечниот договор со Србија.
Шефицата на владејачката пратеничка група на Движењето „Самоопределување“, Мимоза Кусари-Лила, ѝ се обрати на српската заедница на Косово, изјавувајќи дека Србија ја користи како деструктивен елемент во рамките на Косово. Кусари-Лила рече дека режимот од Белград секојдневно се заканува и ги уценува косовските Срби, а од друга страна, не ги почитува правата на малцинствата во својата земја. Таа наведе дека пратениците на Српската листа, ни додека биле во Собранието на Косово, никогаш не ги изнесувале проблемите на својата заедница, ниту пак имале некакви барања.
Иако САД и ЕУ упатиле барање до косовската Влада за продолжување на рокот за примена на новиот режим на регистарски таблички на девет месеци, поради постоењето опасност од ескалација на безбедносната ситуација во земјата, Владата на Косово на 1 ноември започна со примената на својата одлука. Одлуката се однесува на постепено санкционирање на лицата кои не ги пререгистрирале своите возилата со таблички со ознаки на косовските градови што ги издава МВР на Србија со РКС-таблички.
Меѓутоа, полицајците од српската заедница во северниот дел на Косово одбија да ја спроведуваат наредбата на Владата на Косово за казнувањето на граѓаните, а потоа следуваше и нивно излегување од косовските институции. Сите претставници на Србите од северниот дел на Косово, во саботата се повлекоа од косовското Собрание и Владата, како и од сите институции во северниот дел на Косово.
Српската листа информира дека нејзината одлука останува во сила сѐ додека Приштина не ја повлече „едностраната и противправната одлука“ за пререгистрација на табличките и додека не се формира Заедница на општини со српско мнозинство, што е во согласност со Првиот договор од Брисел.