Murat Ünlü
19 Септември 2017•Ажурирај: 20 Септември 2017
ПАРИЗ (АА) - Воздухот во метрото во францускиот главен град Париз е штетен за здравјето, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на весникот „Le Monde“ (Ле монд), во воздухот во париското метро има десетпати повеќе токсични честички во споредба со воздухот на отворено во овој град.
Во веста се наведува дека од загадениот воздух најмногу страдаат 26-те илјади лица кои работат во подземната мрежа во регионот Ил Де Франс, каде што се наоѓа и метрото на Париз, и оти загадувањето на воздухот е предизвикано од старата инфраструктура на метрото.
Според податоците од мерењето на нивото на загаденост на воздухот, нивото на токсичните честички на еден кубен метар во метрото, на 4 јули бил 438 микрограми, а ова ниво во истиот час на отворен простор бил 27 микрограми на еден кубен метар.
Демократската конфедерација на француските работници преку брошури ги предупреди патниците, информирајќи дека нивото на токсичните честички во воздухот во метрото е многу високо.
„Дишењето во метрото го доведува здравјето во сериозна опасност“, се вели во брошурата.
Локалните градски власти, кои се домаќин на Климатскиот самит во Париз, кој предвидува важни мерки против загадувањето на животната средина, се обидува да ги зголеми мерките против загадувањето на воздухот.
Ан Хидалго, градоначалничка на Париз, на Самитот на градоначалници Ц40, кој минатата година се одржа во Мексико, се заложи дека до 2025 година ќе го забрани користењето на возилата со дизел мотор во Париз.
Во периодите на зголемено загадување на воздухот, во градот се спроведува практиката за возење пар-непар.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека главната причина за смртните случаи од рак во светот е загадувањето на воздухот.
Познато е дека оксидите на азотен гас емитирани од возилата со дизел мотор се ризични за човековото здравје.